Филмот „Споменикот на Мајкл Џексон“ на сценаристот и режисер Дарко Лунгулов во кој копродуцира Македонија, ќе ја доживее својата светска премиера на 7 јули, на угледниот фестивал од А категорија во Карлови Вари.
Филмот е селектиран во натпреварувачката програма „Источно од Западот“. Публиката во Македонија ќе го види филмот на почетокот на ноември. Главните улоги ги толкуваат Борис Миливојевиќ, Драган Бјелогрлиќ и Тони Михајловски. Помали, но значајни епизодни улоги од Македонија имаат Петар Мирчевски и Жаклина Стефковска. Во филмот играат и Бранислав Трифуновиќ, Наташа Тапушковиќ, Мирјана Карановиќ, Љубомир Бандовиќ… Филмот се снимаше во Србија и Македонија. Од Македонија во филмот учествуваа и сценографот Кирил Спасески, снимателот на звукот Игор Поповски, бум-операторот Дарко Бошковски, а продуцент на филмот е Огнен Антов. Копродуценти на филмот се и Германија и Хрвaтска. Филмот е финансиски поддржан и од Филмскиот фонд на Република Македонија. „Споменикот на Мајкл Џексон“ е црна комедија, во која режисерот Лунгулов преку берберот Марко се обидува да ни ја прикаже социјалната приказна на неколку карактери и нивната судбина во едно мало место на Балканот. Берберот Марко во еден момент се решава на очајнички потег да го спаси бракот и со тоа да ја импресионира својата жена Љубинка. За да го оживее своето гратче кое е на умирање, тој решава да му подигне споменик на поп идолот Мајкл Џексон