Осум програмски категории со исклучителни 76 филмови, од кои 20 се македонски проекти или филмски копродукции во кои учествува и Република Македонија е најавата за годинашното издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Mанаки“ во Битола.
Најинтересни за јавноста секако се долго очекуваните гала премиери на двата нови македонски филма кои за првпат ќе бидат прикажани пред широката публика и надвор од фестивалска конкуренција. Тоа се речиси тричасовниот историски спектакл на Столе Попов, До балчак, кој ќе биде прикажан на 14 септември од 20 часот, и социјалната драма Деца на сонцето, третиот игран филм на режисерот Антонио Митриќески, кој ќе биде презентиран на свеченото затворање на 19 септември во истиот термин, со што ќе продолжи традицијата најважните македонски филмови првпат да се прикажуваат во рамки на фестивалската програма во Центарот за култура во Битола.
Министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска пред новинарите потенцираше дека од 2008 година до денеска во категориите долгометражни, документарни, кратки и анимирани фимови, се поддржани над 156 проекти, кои имаат реализирано преку 616 учества на меѓународните фестивали и истите освоија 113 награди, импозантна бројка што претставува валоризација на уметничкиот труд и потенцијалот на македонските филмски работници и на македонската филмска уметност.
Годинашното мото на фестивалот не е избрано случајно. Постојано стремејќи кон повеќе и подобро, цврсто застанати на земјата, го подготвивме и ова фестивалско издание кое повторно нуди врвни филмови, возбудливи и провокативни, креативни и мајсторски сработени. Повторно носиме легендарен директор на фотографија и еден негов помлад колега кој сигурно чекори кон легендите. Повторно носиме врвни филмски ѕвезди, повторно најдобрите македонски филмски продукти стапнуваат на платформата Манаки. Повторно нашите филмаџии, нашите студенти и филмофили ќе се дружат, учат, разменуваат искуства и ќе остваруваат контакти со врвни филмски професионалци од светот.
Горда сум на тоа што го постигнавме изминатите години и годинава – на малиот јубилеј 35 години од постоење на фестивалот – можеме да кажеме дека и најголемите мечти не се неостварливи доколку се работи умно и постојно.Македонија преку Браќа Манаки и годинава ќе биде сјајна ѕвезда на филмското небо – рече директорката на Фестивалот Лабина Митевска.
Инаку годинава во изедначена трка во главната програма се најдоа 11 наградувани филма, натпреварувачката програма на краток филм опфаќа 9, Новите визии носат 5 авангардни наслови, исто толку и Вип детската програма, во документарната селекција гледачите ќе имаат можност да видат 9 автентични тематики, 11 филмови се поместени во склоп на македонската панорама, а 15 краткометражни филмови се предвидени во некомпетитивната програма „Кратко-слатко“ на Европската филмска академија. Од специјалните проекции, освен најавените филмови во чест на добитниците на наградите – Големата убавина (Лука Бигаци) и Читачот (Крис Менџис), ќе биде прикажана романско-македонската копродукација Не сум славен, но сум Влав, првиот филм целосно снимен на аромански (влашки) јазик.
Во главната програма има филмови од четири континенти, четири филмови кои однеле награди од Берлин (освојувачот на „Златната мечка“, лауреатот на наградата за фотографија), тројца наградени од Кан, „позлатени“ и номинирани филмови од Карлови Вари, Сиднеј, Торонто, Венеција…
Втора година по ред во дополнителната програма на Фестивалот ќе бидат организирани отворените разговори со гостите под наслов „Опуштено со…“, кои оставија белег на минатогодишното издание. Потоа ќе бидат достапни неколку еднодневни и повеќедневни работилници, на тема: промоција и дистрибуција на новите филмови, дигитална реставрација, правење на кратки филмови и постери, како и case study на Ребека Толи. Во рамки на програмата е предвиден и перформанс на проектот Катлин на уметничката група Калпазан и традиционалната, трета по ред, Балканска конференција на директори на фотографии во асоцијација со ИМАГО. Секако меѓу омилените проекции на Фестивалот се детските филмови од програмата на Вип.
Гена Теодосиевска, селекторка на документарната програма, го претстави својот избор:
„Деветте документарни филмови кои годинава ги селектирав за 35-тата, јубилејна едиција на Браќа Манаки, се мали ремек-дела на авторите Мона Фрис Бертхаусен, Дебора Перкин, Андреас Јохансон, Тонислав Христов, Исри Халперн, Џое Пискатела, Анета Папатанасиу, Рене Роелофс, Паул Шефер и Дамјан Козоле. Освен извонредниот дебитант од САД, Пискатела, сите посочени автори и режисери имаат импресивни професионални биографии. Сите филмови ќе бидат премиерно прикажани во Македонија. И покрај тоа што нашата програма е од некомпетитивен карактер, бидејќи сè уште владеат стереотипи дека документарниот филм не е доволно атрактивен, селекцијата е направена внимателно за, на фестивалската публика во Битола, и` ги донесеме најрелевантните, најгледаните, најпопуларните и најнаградуваните документарни филмови од најновата меѓународна продукција.
Во годината кога се навршуваат 20 години од премиерата на Пред дождот, Друштвото на филмски професионалци на Република Македонуија повеќе од заслужено наградата „Златна ѕвесда на македонскиот филм“ му ја доделува на Милчо Манчевски, нашиот најуспешен филмски режисер. Во таа чест ќе биде прикажан омаж на Манчевски, односно целосниот негов опус на играни филмови.
35-тото издание на „Браќа Манаки“ ќе се одржи од 13 до 19 септември. Годинашниот јубилеј ќе се одвива под слоганот Кон ѕвездите. Добитник на специјалната награда „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност е Лука Бигаци, а добитник на наградата за животно дело „Златна камера 300“, Англичанецот Крис Менџис. Во програмата Нови визии, пак, ќе биде прикажана иднината на светскиот филм.