40 изведувачи на престојниот Аква парк фестивал

Аква Парк Фестивал, со селекцијата на демо бендовите ја комплетира музичката програма за годинешното издание кое доаѓа со три фестивалски дена, 72 часа константна музичка програма и над 40 изведувачи.

aqua_park_festival_2014_plakat

Организаторите најавуваат: „Освен веќе афирмираните музички имиња, во рамиките на своите фестивалски акции и иницијативата за афирмирање на младата музичка сцена кај нас и оваа година фестивалот објави конкурс за демо бендовите, нудејќи им можност да ја почувствуваат фестивалската атмосфера и настапот пред бројна публика. На наше огромно задоволство, повторно бевме почестени со големиот број на апликации, што е и најдобро оправдување за оваа иницијатива да продолжи како традиција на фестивалот. Им благодариме на сите музичари за нивното учество и им посакуваме одлично фестивалско претставување на селектираните бендови од овој конкурс кои ќе настапат на претстојниот Аква Парк Фест. Честа на младата музичка сцена на Аква Парк Фест ќе ја бранат групите „Екс-Ју“, „Палиндром“, „Приземје“ и „Плава“, кои накратко ви ги претставуваме пред да ги чуеме на главната бина на Аква Парк Фестивал.

„Екс-Ју“ (Ex You) е нова музичка група, оформена на 8. март оваа година во Кочани. Бендот е посветен на панк-рок музичкиот стил и се состои од три члена: Воислав Петров (гитара и вокал), Емил Милев (тапани) и Валентин Станчев (бас гитара).

„Палиндром“ (Palindrome) е инструментален пост-панк/стонер/ноиз бенд од Скопје чиј состав вклучува две бас гитари и тапани. Пред само неколку дена групата го сними своето прво ЕП кое ќе излезе во септември оваа година.

„Екс-Ју“ и „Палиндром“ настапуваат во првата фестивалска вечер (четврток, 28. август), додека пак во петок на главната бина на Аква Парк Фест, вечерната програма ќе биде отворена со настапите на „Приземје“ и „Плава“.

„Приземје“, рап групата оформена во 2009 година, во која членуваат Мики Миноски, Марио Милески и Дарко Андонов ака Диџеј Ајри Скреч. Овие момци се занимаваат со рап уште од своето детство, а подоцна решаваат да оформат и свое студио кое го нарекуваат „Приземје продукција“ кое денес е нивното матично студио. Во 2012 година настапија во Скопје и како предгрупа на легендарниот Кеит Мари, а зад себе веќе имаат и соработки со повеќе рап артисти од Македонија и регионот. На 18. мај 2013 година го промовираат својот деби албум насловен „Во рамки на реалност“ . Прв нивен видео запис е „Директно од Приземје“, по кој следеа уште два спота за песни од деби-албумот.

„Плава“ е мултидимензионален артист, слушлив на фрекфенциите на поп, алт-рок, диско, електропоп, како еден вид рецепт со слатки конфузии на интима, љубов, култ кон светскиот грув и две пријателски спротивности – половина хипи, половина футуризам смешани во сегашноста. „You аre here“ (2013) е првиот деби албум на „Плава“. Звукот на албумот велат дека е спој на привремените космички звуци и жилавиот „њу вејв“, спакувани во популарен – диско топка -сад. Резултатот од вака приготвениот звук се отсликува како искрен детски музички наптревар помеѓу стилови од разни децении.

Во вечерната програма на фестивалот, по настапите на демо бендовите, главната бина на фестивалот во четврток (28. август) ќе ги пречека и Јорис Ворн, Тимо Мас, „Дубиоза Колектив“, „Фанкермен“, „ПМГ Колектив“, „Паркети“, „Флудер“ и „Дивизија“, додека пак во петок настапуваат Џон Дигвид, Дарен Емерсон, „Дисциплина Кичме“, „Елементал“, „Бед Копи“, „Грамофонџие“, „Прок&Фитч“ и „Хардфејсд“. Главната бина на третиот фестивалски ден е резервиран за атрактивните „бек ту бек“ битки на претставниците на македонската електронска сцена. Возбудливите сетови во сабота вечер на Аква Парк фестивал ќе ги престават Ајсберг б2б Лефанк (Iceberg b2b Lephong), Алек Солтиров б2б Милан Серафимов, Стефано б2б Цобе, Виш.ко б2б Феки Фарис (Wish.ko b2b Fecky Farris), Маци б2б Александар Мишкоски, Мацки б2б Васо, Ненат Омен б2б Кристијан Петровски (Nennat Omen b2b Kristijan Petrovsky).

Во раните утрински часови, од 06:00 часот музичката програма на Аква Парк Фест продолжува на „Афтер Парти“ бината лоцирана во аква паркот, каде што за совршената утринска забава ќе се погрижат диџеите „Блексоул“ (Blacksoul), „Грамофонџие“ (Gramophonedzie), Сашо Рејсид (Saso Recyd) и „Базел“ (Bazel).

Оваа година Аква Парк Фестивал доаѓа со три фестивалски дена во кои нè очекува музичка програма за време на сите 72 фестивалски часа. Покрај вечерната музичка програма и „афтер парти“ настапите, посетителите на Аква Парк Фест ги очекува и дневна музичка програма, со која е загарантирана незаборавната забава додека истовремено уживаат во водените атракции на Аква Паркот. На 28, 29 и 30. август, дневната атмосфера на фестивалот ќе ја вжештат настапите на „Рутбој“ (Rootboy), „Гето Руди“ (Ghetto Rudi), „Гејм Овер“ (Game Over), Адо, „Бранџез“ (Branchez), „Бабура“, Цобе, Стефано и Ацика.

АКВА ПАРК ФЕСТ ќе се одржи на 28, 29 и 30. август, на просторот на првиот Аква Парк во Македонија, лоциран во Пробиштип. Фестивалскиот простор покрај трите фестивалски бини и Аква Паркот со различните водени атракции кои тој ги нуди, е опремен и со посебен кампинг простор, спортски терени, богата понуда на разновидна храна, повеќе посебно организирани делови за многуте забавни содржини на фестивалот, а сето тоа гарантира несекојдневна можност за повеќедневна забава под отворено небо и ново фестивалско искуство кое нема да го заборавите“ – велат организаторите на Аква парк фестивалот.

You May Also Like