Вечерва (понеделник, 11 март) во Националната галерија на Македонија (објект Чифте амам) со почеток во 19:00 часот, ќе се отвори изложбата Центар ШОК на која се претставуваат 12 уметнички и човечки средби кои се занимаваат со истражување на поимот на судир на идеи, емоции, знаци и симболи.
Сите уметници користеле различни средства на изразување, а низ разновидните сведочења на делата ја истражуваат двојноста, спротивставувањето, општествената борба, судирот на култури, меѓугенерациските спротивставувања, темнината и моќта, но и нежноста, сложеноста, урамнотеженоста, правдата, природата, играта и толеранцијата.
Дваесет и петте уметници, членови на Прес Папије, се усогласиле да ја прослават триесет годишнината на работилницата прифаќајќи го изразот на заедничко творење на исто уметничко дело без оглед дали во пар или по тројца. Твореле следејќи ги правилата на игра додека ги спротивставувале своите измислени светови. Изложбата и овозможува на публиката и на познавачите прилика да откријат разновидни, единствени и изненадувачки автентични дела. Тие откриваат истовремено моментални уметнички интереси и нови уметнички тежненија од кои графиката ја црпи својата сила и значење.
Изложбата Центар ШОК ја одржува живототворноста на Атељето Прес Папије: единствен простор кој го делат уметници, а кој е посветен на истражување и творење на брегот на реката Сен Лоран, каде триесет посветени уметници се сретнуваат и разменуваат идеи во ритамот на речниот тек.
Сместен во средиштето на Квебек, уметничкиот центар Прес Папије е основан 1979 година со цел да излезе во пресрет на креативните потреби на една група млади графичари. Студиото денес е мултимедијална работилница.
Изложбата Центар Шок е организирана со поддршка на Амбасадата на Канада во рамките на прославувањето на Деновите на Франкофонијата во месец март.