„Twelve“ е новиот сингл на групата Foolish Green кој својата премиера ќе ја доживее на 12. јуни во 12 минути до 12 часот на брановите на Антена5 радио.
Истиот ден, точно во 12 часот песната ќе биде поставена и на официјалниот youtube и soundcloud канал на бендот. По издавањето на извонредниот деби албум „Escape“ од минатата година, Foolish Green со овој сингл го најавува новиот материјал планиран да се појави во почетокот на 2015 година.
„Суштинска порака и музичка опомена до авторитетните органи на општеството, до власта и мизантропијата во пирамидалниот систем“ – тоа е „12“ со зборовите на Foolish Green. „Да, ’Тие’ кои го обесија човекот на земјата, го оковаа во пранги на ропство, инфициран од сеопштото лудило. ’Тие’ кои го оставија да преживува, а не да живее! ’Тие’ кои му го одземаа правото да верува и ’правото да биде во право’. ’Тие’ кои горчеливо ја исцедија неговата старост. Вирусот во живото граѓанско ткиво кој доведува до се’ поголем хаос мора полека и свесно да го лекуваме. Ѕверот е веќе испуштен од контрола, саатот критично отчукува, а казната допрва доаѓа. Вратите се отворени, пречките се поголеми. Во ’нивниот’ слух нема мелодија, туку викотници и галама на неслушнатите. Вејте го знамето на љубовта, таа не’ одржува во живот. Затоа што веќе не сте безбедни, како дванаесетте мајмуни!
Тие живеат, но ние не спиеме повеќе!
This system needs to restart!“
– продолжуваат Foolish Green…