Почина актерката Мери Бошкова, една од доајените на македонското глумиште. Бошкова почина пред нејзиниот 90-ти роденден, а ќе биде погребана утре, 27-ми март на Светскиот ден на театарот.
Мери Бошкова изигра бројни улоги на македонската сцена и на филмското платно, но најмногу ќе остане запаметена како Живка (Госпоѓа министерка) која ја играше цели 3 децении.
Мери Бошкова (2 мај 1924, Битола)
По завршеното основно училиште изучува шапкарски занает. По положената аудиција, како актерка се вработува во ансамблот на Народниот театар Битола (1945), за набргу да премине во Драмата на Македонскиот народен театар (1945-1956). Потоа работи во Драмата на Народно позориште во Белград (1957-1963) и повторно во Драмата на МНТ (1964-1982). Во театарот останува активана и по пензионирањето во 1982 година.
Селективна театрографија: Елмира (Тартиф, 1945); Христина (Платон Кречет, 1945); Патренко (Мисијата на Мистер Перкинс во земјата на болшевиците, 1946); Смирнова Ана Петровна (Некаде во Москва, 1947); Темјанка (Задруга, 1950); Јана (Гоце, 1951); Себастијан (Ноќ спроти Водици, 1951); Леди Милфорд (Интрига и љубов, 1952); Дездемона (Отело, 1954); Настја (На дното, 1954); Бароница Кастели-Глембај (Господа Глембаеви, 1955); Бернарда (Домот на Бернарда Алба, 1956); Нора (Нора, 1957); Александра (Коломба, 1965); Антигона (Антигона, 1967); Иванова Кручинина (Без вина виновни, 1968); Божана (Печалбари, 1969); Олга (Три сестри, 1970); Дејнара (Херкул и оборите на Авгиј, 1971); Јунона Бојл (Јунона и паунот, 1971); Гонерила (Крал Лир, 1972); Елена Николаевна (Децата на сонцето, 1973); Живка (Госпоѓа министерка, 1977); Варвара Ставрогина (Бесови, 1978); Мадам Дибуа (Еригон, 1982); Мајката (Будење на пролетта 2000), Султана (Тетовирани души, 2001).
Селективна филмографија: Фросина (1952); Мирно лето (1961); До победата и по неа (1966); Најдолгиот пат (1976); Ангели на отпад (1995).
Награди: Награда 11 Октомври (1967 и 1980); Награда за најдобро актерско остварување на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) Војдан Чернодрински за улогата на Живка во претставата Госпоѓа министерка (Прилеп, 1977); Стериина награда за најдобро актерско остварување на Фестивалот Стериино позорје за улогата на Мадам Дибуа во претставата Еригон (Нови Сад, 1982); Награда на град Скопје 13 Ноември (1984); Награда за животно дело на МТФ Војдан Чернодрински (Прилеп, 1989); Награда на ревијата Екран за најдобро остварување на филм за улогата на Мими во филмот Ангели на отпад, во режија на Димитрие Османли (1995).