Градот Скопје во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање денеска (20 март, 2014), на првиот ден на пролетта, ја почнаа големата еколошка акција за засадување бели рози на јавните површини со наслов „Македонија земја на цвеќето – Земја на розата“.
Во зеленилото покрај булеварот Видое Смилевски Бато во општината Аеродром, рози денеска засадија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Соња Лепиткова, министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски и градоначалникот на општината Аеродром, Ивица Коневски.
– Градот Скопје активно се вклучи во оваа голема еколошка акција за засадување рози. Познато е дека розите се растенија кои имаат најголема апсорбирачка моќ на тешките метали од почвата, па со оваа акција освен што ќе се разубави просторот, ќе придонесеме и за поздрава и почиста животна средина. На повеќе локации низ Градот Скопје ќе се засадат вкупно 10.000 рози од кои 7.000 рози обезбеди Град Скопје, а 3.000 рози се донација од Цементарницата Усје. Дел од розите ќе бидат засадени во средишното зеленило на булеварите, во парковите, на кружните текови и на другите јавни зелени површини. На терен ќе работат екипите на ЈП „Паркови и зеленило“. Сакам да апелирам до граѓаните да ги чуваат засадените рози и да не ги оштетуваат – рече денеска градоначалникот Трајановски.
Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Соња Лепиткова, нагласи дека во оваа активност се вклучуваат сите општини во Република Македонија, бизнис-заедницата и граѓаните.
– Оваа година пролетта ни доаѓа порано, на 20 март, и ни отвора одлична можност за почнување на ваква масовна акција за засадување рози во цела Македонија и за зачувување на животната средина. Верувам дека во годините што доаѓаат оваа акција ќе расте, ќе станува помасовна и ќе привлекува се поголем број партнери – рече Лепиткова.
Како дел од денешната акција, претставниците од ученичкиот дом ЈУУДГС „Здравко Цветковски“ на присутните им делеа рачно изработени еко-пораки.
Акцијата за засадување бели рози на јавните зелени површини е дел од традиционалната градска манифестација „Денови на пролетта-Денови на екологијата“ и во наредните денови ќе продолжи според следната динамика:
20 март 2014
-булевар Видое Смилевски Бато
-булевар Србија
-булевар Јане Сандански
– булевар Гоце Делчев, во близина на МЖСПП
21 март 2014
-Парк „Македонија“
-булевар Илинден (кај влезот на ЈП „Паркови и зеленило“)
-булевар Партизански одреди
-булевар 8.Септември
-булевар Партизански одреди, во реонот на Карпош 4
22 март 2014
-парк „Жена Борец“
-Градска болница
-булевар ВМРО
-булевар Партизански одреди
-пред зградата на Владата на РМ
-булевар Кочо Рацин
-булевар Гоце Делчев
-булевар Крсте Мисирков
-кај судската палата
-кај клучката „Детелинка“
-кај Македонскиот народен театар
-кај тврдината Кале, на улица Самоилова
24 март 2014
-булевар Александар Македонски
-кај објектот на Тутунска банка (Автокоманда)
25 март 2014
-улица Александар Урдаревски
-улица Боца Иванова
-улица Втора македонска бригада
-булевар Христијан Тодоровски Карпош
26 март 2014
-булевар Борис Трајковски
-булевар Србија
-на кружен тек кај црквата „Свети Петар и Павле“, во Ѓорче Петров