Канческа-Милевска во официјална посета на Хрватска

Министерот за култура Канческа-Милевска, утре (петок, 30 март 2012 година), во рамките на официјалната посета на Република Хрватска во Загреб, ќе оствари билатерална средба со хрватската министерка за култура Андреа Златар-Виолиќ. Ќе се разговара за досегашните односи во културата меѓу двете земји, и за активностите кои во следниот период ќе бидат преземени.


По повод одбележувањето на 20 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Република Хрватска, во текот на утрешниот ден, Канческа-Милевска во Националната и универзитетска библиотека ќе се обрати на промоцијата на капиталната едиција „130 тома македонска книжевност на англиски јазик“. Оваа едиција, во која, во изминатиот период се дистрибуира до 100 поголеми национални библиотеки во светот и до други научни и образовни установи, ќе биде донирана и во Националната и универзитетска библиотека во Загреб.

Вечерта, во реномираната концертна сала во Загреб „Вастрослав Лисински“, македонскиот пијанист Симон Трпчески заедно со загрепската филхармонија под диригентската палка на маестро Иван Репушиќ, ќе одржи концерт насловен „Магичниот Трпчески“.

You May Also Like