Оваа година, за сите љубители на оперската музика, фестивалот приредува гала оперски концерт со настап на 8 тенори од Русија кои заради огромната успешност во своето делување го стекнале називот „Тенори на 21-виот век“.
Со 51-вото издание на фестивалот „Охридско лето“ се врти нова страна и во смисла на концепција, визија и движење, а во исто време и се оддава достојна почит на традицијата, изјави селекторот на музичката програма на фестивалот, проф. м-р Гордана Јосифова – Неделковска. Токму затоа, враќајќи се кон корените на фестивалот и самото основање на 4 август 1961 година со концертот на оперската дива Ана Липша Тофовиќ, на овој датум, години наназад се организираат вокални концерти.
Уметничкиот проект „Тенори на 21-виот век“ е еден од најпопуларните руски музички спектакли кој за време на тригодишното постоење се здобива со светска слава, а тенорите остваруваат настапи со светски реномирани руски оркестри како Московскиот симфониски оркестар „Руска филхармонија“, оркестарот „21-ви век“ на Павел Овсиаников и многу други. Покрај редовните настапи на сцените на московските театри, тенорите настапуваат на најпрестижните светски оперски сцени како Милано, Болоња, Лондон, Њујорк, Токио и многу други.
Овој уметнички проект нуди исклучителна можност да се видат 8 тенори заедно на сцена, а истовремено да се ужива во поединечните уметнички вештини и уникатните вокални способности на секој од нив.
Александер Захаров, Димитри Сибиртсев, Максим Пастер, Сергеј Писарев, Александер Скварко, Александер Богданов, Михаил Урушов, Георги Фараџев, членовите на овој извонреден проект, се солисти на водечки московски оперски куќи и театри. Тенорите често се поканувани да учествуваат во владини културни програми, а нивните настапи се проследени и од рускиот Премиер, Владимир Путин, рускиот Претседател, Димитри Медведев, поранешниот американски Претседател, Џорџ Буш, како и од некои европски лидери.
Во ноември 2007, уметничкиот проект ја добива наградата „Руско национално богатство“. Имаат издадено повеќе од 10 солистички албуми со дела од италијански композитори и руски народни песни.
„Охридско лето“ и понатаму е фестивал кој нуди содржини кои до сега не се видени во Македонија и пошироко, водејќи грижа за гостување на уметници кои никогаш не настапиле кај нас, уметници со светско реноме, и нудејќи програми кои привлекуваат исклучително внимание со својата атрактивност и во кои ужива не само стручната, туку и пошироката публика, изјави г-ѓа Јосифова – Неделковска.
Концертот ќе се одржи на 4 август на сцената на Античкиот театар во Охрид. Тенорите ќе ги придружува оркестарот на Македонската опера и балет под диригентската палка на Сергеј Смбатјан.