Теодора Ристевска: Бидете љубопитни и не заборавајте да го искористите стравот во ваша полза

Програмата за млади истражувачи е од важно значење на секој образовен систем во една држава. Тоа значи подмладување на постојниот кадар како и можност за градење на кариера на младите, амбициозните и успешните луѓе во рамките на границите на својата земја. Разговараме за студентски денови, како и за ангажманот во истражувачката дејност, со Теодора Ристевска – Теа млад истражувач, вработена од страна на Љубљанскиот универзитет, на Факултетот за општествени науки, во истражувачкиот центар за одбрана.

Родена во Битола, своето средно образование го завршивте во Гимназијата „Јосип Броз Тито” од Битола, а по тоа високото образование го продолживте на Правниот факултет во Скопје на политичките студии, од каде желбата да ја изучувате политиката како наука и зошто токму овој факултет го избравте?

Уште од гимназијалските денови, изучувајќи ја философијата како задолжителен предмет во четврта година, особено интересно ми беше изучувањето на политичката философија, а посебно темелот поставен од Сократ, Платон и Аристотел. Вечните прашања од типот кој општествен поредок е правилен, кои идеали треба да се прифатат во општествените институции и кои се принципите кои доведуваат до избор и поддршка на одреден институционален поредок, го задржаа моето внимание и посакав да дознаам многу повеќе.Така, ја донесов одлуката за студирање и изучување на политиката како наука. Затоа што ги разгледував само опциите на државните универзитети, политичките студии на Правниот факултет во Скопје беа мојата единствена опција. Гледајќи од денешна перспектива, горда сум на мојот избор и сметам дека ја донесов вистинската одлука.

Паралелно додека студиравте на Правниот факултет во Скопје, своето неформално образование го формиравте, преку учеството во Клубот на оратрори „Forum Oratores“, каде бевте член и земавте активно учество на Ораторските вечери на Правниот факултет во Скопје во чест на професорот Иво Пухан, што за вас значи изучувањето на вештината на јавно говорење, колку оваа вештина ви помогна во градењето на вашата личност?

Неформалното образование е пресудно за успехот на еден млад човек. Тоа што може да се научи од практичната работа, соработката со вредни, паметни и креативни луѓе полни со ентузијазам, може да замени многу часови поминати над учебник. Секако, тоа не значи дека не треба да се учи, најдобро е комбинирано студирање на материјалот за испити, но и волонтерска работа во студентски организации. Во мојот случај, моето студирање немаше да биде потполно, на некој начин и доволно, без моето активно учество во студентската организација „Клуб на оратори“ – Скопје. Можам слободно да кажам дека најубавите спомени од студентските денови ми се поврзани со работата и дружењето со членовите на овој клуб. Јавното говорење е вештина којашто има моќ да го промени светот. Многу познати говори се доказ за тоа. Уште поважно, јавното говорење го менува човекот, оној што говори. Промената, којашто јавното говорење ја изврши врз мене беше огромна. Ме научи да се борам, ми отвори некои нови и неистражени хоризонти. Неизмерно им сум благодарна на моите инструктори Драгана Каловска и Оливер Станоевски за одличниот вовед во светот на ораторството. Секако, како и на сите останати членови на клубот од кои секој ден учев и емотивно растев, искрено им благодарам.

Своите постдипломски студии ги продолживте на Љубљанскиот универзитет на Факултетот за општествени науки, на отсекот Европски студии. Како одлучивте да продолжите во странство и што за вас значи студирањето на овој факултет?

Најпрво студирав на постдипломските студии на Правниот факултет во Скопје, на отсекот Европски институции и политики. По успешно завршените испити, ја консултирав мојата менторка Јулија Б. Базеркоска запишување на магистерскиот труд на некој од истражувачките центри во странство.Тогаш таа ми ја всади идејата за запишување на уште едни мастер студии во Љубљана. Предлогот беше за студирање на програмата Европски студии на Факултетот за општествени науки, испратена од нејзината колешка Ана Б. Фенко, којашто пак подоцна ми беше менторка на магистерскиот труд во Љубљана. Студирањето на овој факултет и во овој град за мене значеше многу различни нешта. Од една страна, откажување од удобноста која ми следуваа како државјанин во државата во која се родив – Македонија. Од друга страна, со моето преселување во Словенија го започнав процесот на учење нова култура, јазик, начин на живот и систем на вредности. Љубљана е место во коешто и двајцата мои родители имале студиски престој, во нивните студентски денови. Многу пати ја споменуваа Словенија, посебно Љубљана, како град со посебна убавина и рај за студентите. Тоа можам слободно да речам дека се покажа како вистинито, Љубљана дури и ги надмина моите очекувања.

 На истиот факултет и се вработивте, каде денеска активно партиципирате, што за вас значи оваа можност да работите во странство?

Можноста да се истражува во Словенија е навистина одлична. Условите кои државата им ги нуди на младите коишто имаат желба да истражуваат и да продолжат со своите студии се доста поволни. Агенцијата за истражување на Република Словенија (АРРС), секоја година објавува конкурси за млади истражувачи на кои апликантите се пријавуваат за различни истражувачки теми. За мое големо задоволство, јас сум вработена на едно од тие истражувачки места, конкретно на катедрата за одбрана и безбедност при Факултетот за општествени науки, под менторство на проф. д-р Изток Презељ. Темата на којашто моментално работам и истражувам е дилемата помеѓу слободата и безбедноста во текот на војната против тероризмот.

Постои ли разлика во студирањето на Правниот факултет во Скопје и факултетот во Љубљана, кои се позитивните, а кои се негативните страни?

Двата факултети го применуваат Европскиот кредит трансфер систем, којшто има за цел транспарентност и дава можност за споредба на успешноста на студентите кои студираат на различни европски универзитети. Сепак, постојат одредени разлики помеѓу двата факултети. Правниот факултет во Скопје има 4 програми на прв циклус студии: правни, политички и студии по новинарство и односи со јавност. Факултетот за општествени науки во Љубљана пак, нуди 11 програми на прв циклус студии, меѓу кои се: информатика за општествени науки, комуникологија -медиуми и комуникациски студии, комуникологија – пазарна комуникација и односи со јавноста, културолошки студии – студии за култури и креативност, меѓународни односи, новинарство, студии за одбрана, политички науки – јавни политики и администрација, политички науки – политички и државни студии, социологија, социологија – кадровски менаџмент. Во оваа прилика би навела некои убави страни на Факултетот за општествени науки во Љубљана. Огромен е бројот на програми и предмети кои се изучуваат на англиски јазик, со тоа факултетот е мета на многу Еразмус студенти, што овозможува големо врмежување на студентите. Исто така, службата за меѓународна соработка, неколку пати во годината организира информативни денови, што придонесува бројот на студенти кои се одлучуваат на Еразмус размени и Еразмус пракси експоненционално да расте. Студирањето, пријавувањето на испитите, уверението за положени испити, како и дипломата, се бесплатни. Библиотеката на факултетот е претплатена на најпрестижните научни списанија, а исто така е снабдена со најновата литература на англиски јазик. Истражувањето и работата во неа е вистинско уживање, со такви услови секој студент има можност да го прошири своето знаење и со својата дипломска, магистерска или докторска дисертација, на некаков начин да придонесе за општеството и науката.

Што му недостига на македонскиот образовен систем, што би го направил подобар во иднина?

Програма за млади истражувачи, дефинитивно. Доколку наредните носители на јавни политики би се одлучиле на ваков чекор, тоа би значело многу за образовниот систем, подмладување на постојниот кадар како и можност за градење на кариера на младите, амбициозните и успешните луѓе во рамките на границите на својата земја. Сведоци сме на големиот „одлив на мозоци“ на младите, па можеби тоа би било еден од многуте начини коишто можат да го намалат тој тренд. Исто така, според моите сознанија, сè уште е актуелен проблемот со минималната можност на студентите за практична работа вон теоретското знаење. Иако веќе постојат одредени механизми со кои тоа се стимулира, како што е потврдата за летна пракса, голем број од потписите на тие потврди се добиваат без никакво практично вклучување на студентот. Би сакала да е ова исклучок, но се плашам дека тоа е пракса на најголем број од студентите.

Кое е мотото кое Ве инспирира да одите напред во градењето на вашата кариера?

Остани истрајна, фокусирана и храбра. Работи, дружи се, рекреирај се и грижи се за себе. Кога си ти во ред, сè е полесно. Сите предизвици се лесно решливи, а сите препреки се брзо соборливи. Успехот и градењето на кариерата не се само твоја заслуга, биди благодарна на сите оние коишто се дел од таа приказна, бидејќи секој на свој начин е извор на инспирација и мотивација. Поддршката од твоето семејство, пријателите, колегите и твојот партнер е најважна. Затоа, не заборавај да им ја возвраќаш поддршката назад, што е можно повеќе.

Како го исполнувате вашето слободно време?

Моето слободно време го користам различно, во зависност од годишното време и приликите. Се трудам да биде исполнето со различни културни, едукативни, забавни и спортски активности. Обожавам да одам на кино, тоа го правам најмалку еднаш неделно, слушам музика, слушам радио и podcasts. Исто така, пеам во Македонскиот хор „Биљана“ при Македонското културно друштво МКД Македонија – Љубљана.Посетувам различни предавања, трибини и настани организирани од музеите во Љубљана. Се грижам и за моето здравје, тренирајќи јога и мечување. Претежно на пролет и во лето, им се посветувам на атлетиката, планинарењето и алпинизамот, но сепак во зависност од условите и приликите. На зима, уживам во неколкуте денови поминати на скијање. И најважно од сè, обожавам да го користам велосипедот како превозно средство низ љубљанските улици, бидејќи на таков начин се грижам и за себе, а и за природата.

Кои се вашите идни планови?

Моите идни планови на кариерен план се успешно докторирање, објавување на трудови и успешно аплицирање на истражувачки проекти.

Што ќе им порачате на сите кои го читаат ова интервју?

Стравот е, според романскиот поет Никита Станеску, само нереализирана форма на љубопитност. А без љубопитност, како реализација на стравот и неговото снебидување, нема преминување од другата страна на границите коишто самите сме си ги создале. Затоа, бидете љубопитни и не заборавајте да го искористите стравот во ваша полза.

Извор: фејсбук страница на Агенцијата за иселеништво

You May Also Like