Ректорот на УКЛО-Битола на ректорски форум во Мостар

Ректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“-Битола, д-р Сашо Коруновски учествуваше на Третиот ректорски форум на Југоисточна Европа и Западен Балкан, чиј домаќин беше Универзитетот во Мостар.

Ректорите од Југоисточна Европа и Западен Балкан разговараа на повеќе теми значајни за меѓусебната соработка и донесоа одлука за основање заедница на универзитети од ЈИЕ и Западен Балкан, истакна Коруновски по враќањето во Битола.

  • „Св.Климент Охридски“-Битола во континуитет ги следи сите активности поврзани со овој форум. Учеството на форумот воедно го искористивме да потпишеме договор за билатерална соработка меѓу УКЛО и Универзитет од Мостар, претставуван од ректорот, проф. д-р Зоран Томиќ. Овој билатерален договор за соработка дава насоки и посочува домени во универзитетското работење каде би можела да се одвива соработката помеѓу двата партнерски универзитети, потврди ректорот Коруновски.

УКЛО-Битола во овој период реализира интензивна меѓународна соработка, и освен во Мостар се претстави и во романскиот главен град Букурешт, заедно со 90 универзитети од 18 држави од Регионот на Централна и Источна Европа.

  • Дводневното дружење и дебатирање во функција на актуелните презентации, јасно и едногласно беше манифестирана желбата за интрарегионална соработка, беа воспоставени значајни врски и секако партнерства во домени како што се наставата, научно-истражувачката работа и меѓународната мобилност. Некои од присутните ја истакнаа потребата од соодветна поддршка за обуки во рамките на европските проекти за соработка. УКЛО-Битола, на овој значаен собир, бил претставуван од раководителот за настава, наука и меѓународна соработка Калиопа Стилиновиќ, информираа од секторот за односи со јавност на битолскиот универзитет.

You May Also Like