Петок (29 јули) на програмата на Бит Фест

Денес, (петок, 29 јули 2011 година) на БИТ ФЕСТ – Битола ќе може да ги проследите следните настани: „20 години независна Македонија“, петок, во Битола  почнува фестивалот „Илинденски денови“ во рамките на БИТ ФЕСТ

Формиран во 1971 година, како нов креативен чекор во заштитата на живото егзистирање на традиционалните вредности, фестивалот Илинденски денови го покажа вистинскиот правец кон зачувување и презентирање на народната култура.

Продолжувајќи го континуитетот на традицијата, Центарот за култура Битола, од 29 јули до 1 август 2011 година, ќе го реализира 41 издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри ,,Илинденски денови”.  Традиционално, фестивалот е вдахновен од Свети Илија и се одржува во чест на државниот празник Илинден.  Се бележи и како прослава на народниот уметник кој создал бројни дела со бесценета традиционална вредност.

Оваа година фестивалот е посветен на јубилејот ,,20 години независна Македонија”.

Битола, градот домаќин, град со силно изградено чувство за вистински вредности и оваа година ќе ја отвори својата душа за да ги пречека членовите на 32 фолклорни групи и ансамбли од Македонија, Австралија, Мексико, Полска, Романија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Грција и Турција. Фестивалската програма е конципирана во две вечери на традиционална музика и игра, староградска вечер и интернационална вечер.  Особен белег на фестивалот му даваат и придружните манифестации: ,,Ехо од дамарите”, Семинарот за традиционална музика и игра, фестивалскиот караван со гостувања во Скопје, Демир Хисар и Ресен, дефилето ,,Со песни иора низ битолските улици и манифестацијата „Оро на Широк Сокак“.

Овогодишното издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“ Битола ќе се заокружи со концерт на Ансамблот на народни игри и песни на Македонија „Танец“ од Скопје.

Во петок на 29.07 на првиот фестивалски ден во НУ Центар за култура – Битола со почеток во 11:00 часот ќе се одржи Семинар на традиционална музика и игра.

Семинарот етаблиран во 2009 година, од стручен и научен аспект го анализира, елаборира и усовршува комплетниот процес на подготовката на сценската презентација на традиционалните вредности.  Како резултат на тоа слушателите се едуцираат како да истражуваат, изберат тема, да ја осмислат и соодветно сценски да ја презентираат.  Семинарот е место за едукација, за дебатирање, размена на мислења, стручни елаборации и презентации.  Предавачи на семинарот се :М-р Владимир Јаневски, етнолог, УГД. ФМУ Штип – Оддел за етнокореологија, д-р Родна Величковска, етномузиколог Институт за фолклор ,,Марко Цепенков” – Скопје, Благица Илиќ – етнолог ДМБУЦ Илија Николовски Луј, Скопје Насока за традиционална музика и игра, м-р Даворин Трпески, Институт за етнологија и антропологија Универзитет Свети Кирил и Методиј Скопје, Тимко Чичаковски, професор по народни инструменти ДМБУЦ Илија Николовски Луј – Скопје, Насока за традиционална музика и игра.

Теми на семинарот се:техники и методи при етнокореолошки истражувања, народно пеење методи и принципи, Градска чалгиска музика во Македонија, Примена на традиционалната игра во градските центри во Македонија во првата половина на 20 век, Ракување со артефакти:каталогизирање и документирање етнографски предмети за потребите на фолклорните ансамбли.

Дефилето  насловено како „Со песни и игри низ битолските улици“ на несекојдневен начин ќе започне во 18:00 часот од Саат кулата по Широк Сокак до Ракометното игралиште каде што во 20:00 часот Свечено ќе биде отворено 41 – во издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови“.  Оваа вечер на традиционална музика и игра и фестивалот Илинденски денови ќе биде отворен со орото ,,Комитско” во изведба на АНПИ ,,Илинден” Битола.  Првата фестивалска вечер ќе ја исполнуваат

1. Русалиска фолклорна група „Русалии“ – Секирник
2. ФА „Љупчо Сантов“ Оризари, Кочани
3. КУД „Шпреса“ Велешта
4. ФА „Врзосовиание“ Поцзесна, Полска
5. АФ „Гоце Делчев“ Битола
6. МКД „Свети Кирил и Методиј“ Крањ, Словенија
7. ФА „Рушит Шаќир“ Куманово
8. ФА „Гајда“ Ињево, Радовиш
9. ФА „Китка“ Истибања
10. Балетфолклорико „Оризаба“ Мексико
11. АНПИ „Илинден“ Битола
12. Пневматикос Морфотикос силогос „Мелитис“, Мелити, Грција

Во 22:30 минути во магазата како дел од програмата на Иинденски денови ќе се одржи вокално инструментална вечер насловена како „Ехо од дамарите“. На 29 и 30.07 ќе бидат организирани две вакви вечери со цел да се отстапи повеќе простор за презентација и афирмација на традиционалните музички вредности, како дел од придружните манифестации на фестивалот.

Во рамките на двете вокално инструментални вечери, врз база на дефинираниот концепт и соодветните критериуми, оваа година, со сета своја оригиналност и мелодичност, ќе прозвучат вокални и инструментални теми од сите жанрови и обичајни циклуси, изведувани на традиционални инструменти, соло или во група.

Оваа петочна вечер ќе ја збогати и изложба која ќе биде отворена во 20.30 во битолската магаза, а носи наслов: ,,Традиционалната архитектура на потпелистерието”. Изложбата се состои од документарни фотографии и техничка документација за архитектурата во селата на Потпелистерието. Таа е резултат на еден долгогодишен проект со наслов ,,Истражување и документирање на традиционалната архитектура во Потпелистерието”. Целта на изложбата е афирмирање на оваа архитектура како дел од етнолошкото недвижно културно наследство, афирмирање на етнологијата како наука и професија.  Исто така подигнување на свеста за значењето на оваа архитектура како дел од културното наследство на Македонија.  Автор на оваа изложба е етнологот конзерватор, советник М-р Викторија Момева Алтипармаковска која сите истражувања и анализи на овој предел ги инкорпорира во своите пишани трудови.

Пред да ја погледнат изложбата, во дворот на магазата, граѓаните ќе можат да погледнат 3 етнолошки филмови.  Станува збор за филмовите ,,Другарување”(Прва награда,,Златни сунцокрет” на 34 меѓународен фестивал на аматерски филмови ЖИСЕЛ (животот на село) во Омољица, 2004 г,награда за најдобар филм на тема:Традиционалниот живот на село која ја доделува етнографскиот музеј од Белград на истиот фестивал), ,,Фрлање на крстови”(награда за најдобар домашен филм на 15 меѓународен фестивал на етнолошки филмови во Белград, 2006 г.,награда за функционална употреба на звукот и награда за најдобар филм на темаТрадиционалниот живот на село која ја доделува етнографскиот музеј во Белград на 36 Меѓународен фестивал на аматерски филм ЖИСЕЛ, Омољица, 2006 година), ,,Траење”(златен факел за тема – етнологија на 6 Меѓународен фестивал за документарен филм во Велика Плана – Србија, 2011г) филмови на Даница Џокиќ, етнолог, музејски советник од НУ Завод и музеј Пожаревац.

29 јули (петок) 19:30 часот Изложбен простор на ДЛУБ Свечено отворање на изложбата,,Недовршена приказна” – Вез – Шепотот од ЕГЕЈ на Етнокреатив ЈП&ПЈ. Изложбата ќе ја отвори  м-р. Владимир Јаневски ,Доцент на ФМУ- Штип,оддел за Етнокореологија – Универзитет “ Гоце Делчев “

Етнокреатив ЈП&ПЈ  е силно мотивиран тим  кој  со голема почит и љубов  веке 10 години на специфичен начин преку уметничко ракотворење  ја негува и  популаризира   македонска  култура и традиција, притоа несебично ја  споделуваат својата  љубов со сите оние кои  умеат да ја вреднуваат уникатноста на македонскиот фолклор .Во своето повегедишно творештво имаат  учествувано на   повеке групни  изложби и манифестации  во Битола, Скопје,Велес, Охрид, Делчево,Лерин (Р.Грција),Влодава(Полска).Во 2010 година се номинирани  за Најдобри промотери на Р Македонија.Шепотот од Егеј е расказ од  Недовршената  приказна  …Расказ каде везот ги заменил зборовите…Каде колоритот на бои , форми и орнаменти  зборуваат за една недовршена приказна, започната така одамна а времето се пркоси да ја оттуѓ и  и од спомените ….Но ЉУБОВТА како волшебна опивка не води  од   изветвените спомени  до исконот , и бод по бод , ред  по ред со друшката ,со  иглата и конецот  до везот наш непресушен.
30 јули ( сабота)Изложбен простор на   ДЛУБ 10:00- 21:00 часот    –   изложба 10:30 – 12:00 часот   –  работилница : “Вез – Шепотот од  Егеј “(31 јули  недела)Двор на црквата Св.Богородица  во село Трново Изложба 10:00 – 14:00 часот.

29.07 Летна сцена Тумбе кафе 21:00 часот Концерт Интернационален камерен оркестар – Музичка младина на Македонија JEUNESSE MOVING ORCHESTRA

По завршувањето на еден поголем циклус активности, концерти и гостувања, здобивајќи се со голем број награди, признанија и позитивни критики Камерниот оркестар на МММ единствен од ваков вид на просторите на Југоисточна Европа, циклус кој траеше повеќе од 25 години Музичката младина на Македонија во соработка со ММ на Србија, Фондацијата Енфантс, Планете Есперанса на Франција како и повеќе други поддржувачи – Министерствата за култура на Србија, Македонија и Франција, годинава етаблира нова форма на ангажирање на младите музичари низ проектот наречен “JEUNESSE MOVING ORCHESTRA”.

Овој нов проект за камерен оркестар ќе ја обединува креативната работа на повеќе млади, извонредни музичари од Македонија, Србија, Романија и други земји кои низ желбата за музицирање во еден ваков состав и во еден ваков проект ќе имаат можност да ги искажат сите свои квалитети.

Оркестарот со кој оваа година ќе раководи светски познатиот диригент од Франција МИША КАС по своите припреми во Охрид ќе се претстави на публиката во Македонија, Србија, Романија и Унгарија со повеќе концерти при што ќе се изведат дела од В.А Моцарт,Ј.С.Бах и П.И.Чајковски.

И додека БИТ ФЕСТ го збогатува културното живеење на сите граѓани, истовремено им овозможува и да го „Допрат срцето на Македонија“ преку штандовите на ЗУР Македонски ракотворби кои и во петок од 09 до 24 часот ќе бидат поставени долж Широк Сокак.

You May Also Like