Советот на Град Скопје на денешната седница донесе одлука за формирање ново јавно претпријатие за хуман третман на животните скитници, а ќе го носи името „Лајка“.
Претпријатието ќе се формира од постојните служби што досега функционираа во рамките на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, кое ќе ги преземе сите активности: заловување, транспорт до стационар, прием и преглед од овластен ветеринар, лабораториско испитување на одредени болести, стерилизација, постоперативно сместување, лекување и нега, ветеринарна грижа, идентификација и регистрација, вакцинација и дехелментација, враќање на местото на заловување или преземање процедури за вдомување од заинтересирани граѓани.
Од Град Скопје информираат дека во текот на 2018 година против Градот и ЈП „Комунална хигиена“ поднесени се над 200 тужби за надомест на штета заради напад и гризнување од бездомни кучиња.
Во креирањето на организацијата на претпријатието и неговите органи ќе биде вклучен и невладиниот сектор со искуство во сферата на заштитата на животните, со цел бројот на кучињата скитници да биде сведен на минимум и тоа на начин што ќе обезбеди нивна благосостојба, но истовремено да гарантира безбедно и непречено движење на граѓаните на јавните градски површини.