Вечерва (28 февруари, четврток), со почеток во 19 часот во Галерија МКЦ ќе се отвори изложбата на Ивона Тричковска – „Асемантички записи”.
„Asemic Schreiben” („Асемантички записи”) премиерно реализирана изложба во Виена (2018), претставува континуитет на проектот Јазикот на ѕидот во Стариот амам во Тетово (2017).
Изложбата е своевиден авторски “work in progress” на еден специфичен ликовен јазик во кој доминира текстуалниот графицизам на платна со нагласена ѕидна монументалност во совладувањето на една визуелна целина во просторот. “Слободните” мурални платна претставуваат полуапстрактни текстуални записи испишани на јазикот на асемантиката, имајки предвид дека не само текстуалните инскрипции туку и гестуалните, неформални траги имаат своевидна знаковна носивост, извесна јазична текстура.
Асемантичката форма отвора простор за слободно интерпретирање, го сугерира и/или дедуцира значењето на уметничкото дело, се користи со различни симболи, знаци, пиктограми и идеограми, апстрактни графити, нечитливи и недешифрирани формули, чкртаници, несврзани зборови, калиграфски или палимпсестички кодови, предизвикувајќи го нашиот когнитивен рефлекс навикнат на препознавање и толкување на визуелниот јазик, најчесто обидувајќи се да извлече значење каде тоа можеби и не постои.
Во асемантичката текстуалност значењето е сугерирано од обликот на елементите/формите кои ги користи. Понекогаш, тоа постои како концепција или “сенка” на конвенционалната ракописна практика. Преку својот формат или структура, асемантичкото пишување може да сугерира одреден вид на запис или документ и со тоа да наведе на одредено значење. Уметничката форма е самиот ракопис кој се восприема преку естетската интуиција на набљудувачот.
Ивона Тричковска дипломира на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, при одделот за сликарство. Вработена е во Националниот конзерваторски центар – Скопје како виш конзерватор – реставратор на иконописни дела. Учествува на неколку изложби, ликовни колонии, семинари и презентации во Македонија и во странство.
Од поновата авторска продукција се изложбите “Јазикот на ѕидот/Language of the wall” (Тетово, 2017), “Asemic Schreiben/Асемантички записи” (Виена, 2018), “Инит” (Куманово, 2018).