Академик Влада Урошевиќ ја доби највисоката награда за поезија „Златен витез“ на Деветтиот меѓународен книжевен форум „Златен витез“ во Русија.
Наградата на нашиот поет му е доделена за обемниот избор од неговата поезија (200 песни на повеќе од 250 страници) кој, под наслов „Пејач во кулата“, а во препев на Олга Панкина, афирматорка на македонската литература на руски јазик, излезе минатата година во Москва.
Награди на оваа голема меѓународна манифестација се доделуваат за повеќе уметнички области. За награда од областа на поезијата на фестивалот пристигнале 183 дела – од Русија, Ерменија, Белорусија, Германија, Грузија, Израел, Кина, Казахстан, Македонија, Молдавија, Србија, САД, Украина. Од нив во финалето влегле 117 кандидати, за, на крајот, жирито да одлучи највисоката награда „Златен витез“ да им биде доделена на Урошевиќ и на рускиот поет Александар Логинов.
Престижната издавачка куќа „Рудомино“, која ја објави книгата на Урошевиќ, претставувајќи ја пред руската читателска публика, наведува дека во збирката одбрани стихови на македонскиот прозаист и поет, филолог и компаратист Влада Урошевиќ се влезени песни создадени во текот на шеесетгодшно книжевно творештво.
фото: макфакс