IN MEMORIAM: Почина академик Блаже Ристовски

На 87 годишна возраст почина академик Блаже Ристовски, редовен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Академик Блаже Ристовски е роден на 21 март 1931 година во с. Гарниково, Кавадаречко. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје (на Групата за литература на народите на СФРЈ и македонски јазик), а по одбраната на докторската дисертација „Крсте П. Мисирков – живот и делото“ (1965), бил избран за директор на Институтот за фолклор во Скопје. Како научен советник, преминува во Институтот за национална историја (1977-1991) каде што раководел со тимот за културната историја и со Балканолошкото одделение, а до пензионирањето работи како научен советник во Институтот за старословенска култура во Прилеп (1993-1995).

Академик Ристовски го посвети целиот свој работен век како неуморен и многу плоден истражувач на македонската литература, на јазичната и националната историја, на фолклорот, на појавата и развитокот на македонскиот народ и македонската национална мисла, кои се објавени во голем број книги. Неговиот научноистражувачки интерес беше насочен кон истражување и афирмација на националните дејци од XIX и XX век – Крсте П. Мисирков, Димитрија Чуповски, Ѓорѓија Пулевски, Петар Драганов, Марко Цепенков, Кочо Рацин, Васил Икономов, Наце Димов и други.

Објавил преку 800 статии и други прилози во разни списанија и зборници на трудови во земјата и во странство. Собраните дела на Крсте Мисирков претставуваат еден од најзначајните проекти на академик Блаже Ристовски во Македонската академија на науките и уметностите, којшто со документиран, аналитички и критички приод ја претстави панорамата на македонскиот културно-национален развиток во еден клучен период од нашата историја.

Бил член на редакциите на списанијата „Etnologia Slavica” (Братислава), “Demos” (Берлин), „Погледи“, „Современост“, Гласник на Институтот за национална историја (Скопје) и други. Бил претседател на Здружението на фолклористите на Македонија, на Сојузот на здруженијата на фолклористите на Југославија, потпретседател на Одборот на Балканскиот фестивал на народни песни и игри во Охрид (1967), член на Републичката комисија за културни врски со странство, претседател на Советот на Филозофско-историскиот факултет во Скопје.

Од 1991 до 1992 година, академик Ристовски ја вршеше функцијата потпретседател на првата Влада на независна Република Македонија.

За дописен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 7 октомври 1988 година, а за редовен член на 20 јуни 1996 година. Беше научен секретар на МАНУ од 1999 до 2002 година, а во периодот од 2011 до 2015 година беше секретар на Одделението за лингвистика и литературна наука.

Погребот на академик Ристовски ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје утре (петок), во 13 часот, а посмртните останки ќе бидат изложени во Капелата од 12 до 13 часот.

Утре (петок) во 10:30 часот во Свечената сала на Македонската академија на науките и уметностите ќе се одржи Комеморативна седница.

Фото: М. Златевска (SDK.mk)

You May Also Like