Нови 12 преведени наслови од проектот за превод на “1000 книги” од кои се учи на врвните светски универзитети…
Нови 12 наслови од областа на медицината, природно-математичките науки, земјоделството, педагогијата, филозофијата и филологијата денеска се промовирани во рамки на владиниот проект за превод на 1000 стручни книги од кои се учи на врвните светски универзитети.
Со денешната промоција, вкупниот број на преведени книги од реномирани светски автори изнесува 886.
– Овие бројки јасно говорат за капиталот на овој значаен проект, но и за посветеноста, одговорноста и упорноста со која истиот го реализираме и промовираме. Малку по малку, проектот се доближува до својата завршница, а капиталот на знаење кој влегува во Македонија преку овие книги се повеќе си наоѓа свое место и улога во образованието, науката, праксата и во сите општествени сегменти на кои има свое влијание, истакна премиерот Никола Груевски на промоцијата.
Министерот за образование и наука Спиро Ристовски најави продолжување и надградба на проектот.
– Усогласувањето на високообразовниот систем со потребите на пазарот на трудот кој неминовно се глобализира, ја зголемува потребата од книги и учебници, кои на новиот стручен кадар ќе му обезбедат знаења конкуретни на глобално ниво. Верувам дека оваа капитална инвестиција е од корист и за студентите и за искусните професионалци, затоа што и едните и другите имаат реална потреба да бидат добро информирани и во тек со најновите трендови во својата област, рече Ристовски.
Најновите изданија, како и сите претходно преведени и промовирани, освен во читалната во Градскиот трговски центар во Скопје, ќе бидат дистрибурани во универзитетските, факултетските и народните библиотеки, а по пристапни цени ќе може да се купат и во книжарниците и е-продавниците на издавачките куќи.