Ветераните на скопски Вардар, вчера (среда, 26.12.2012 година), во просториите на кабинетот на Град Скопје, предновогодишно го посетија градоначалникот Коце Трајановски.
На средбата со фудбалските легенди присуствуваа: Трајко Стаматовски; Кирил Дојчиновски; Васил Рингов; Илија Најдовски; Драган Мутибариќ; Кочо Димитровски; Ванчо Трпевски; Душан Шуица; КокиАврамовски; Мето Спасовски; Љупчо Марковски; Саша Ќириќ; Антонио Филевски и Мирко Спасовски.
На средбата се разговараше за состојбите на ФК Вардар, но и за идеите и предлозите за подобар ФК Вардар во иднина.
Трајановски ги поздрави присутните и ја изрази својата огромна благодарност што на средбата дојдоа речиси сите легенди и ветерани на ФК Вардар, клуб којшто Град Скопје го презеде и вложи финансиски средства како и комплетна логистичка поддршка на клубот и после 9 години ФК вардар повторно стана Шампион на Македонија сезона 2011/2012, и учествуваше во Лигата на Шампиони на Европа играјќи го натпреварот во второто коло против белорускиот гигант ФК Бате од Борисов пред 33.000 гледачи на градската Арена Филип Втори во Скопје.
Легендите и ветераните да искажат свои мислења за својот Вардар и предлози за подобрување и стабилизирање на клубот во иднина. Прв од присутните, се обрати најстариот член на средбата, а и единствен жив почесен член на ФК Вардар од основањето на Клубот, Трајко Стаматовски.
– Би сакал да му се заблагодарам на градоначалникот Трајановски за укажаната чест што не покани на оваа средба, на која што можеме да проговориме за успесите на ФК Вардар со новото раководство, и да ги дадеме нашите предлози за тоа како уште повеќе да се подобри работата на овој Клуб. Би сакал да дадам една идеја, во иднина годишните собранија на клубот, дали е тоа еднаш годишно или на две години, да се воведе една традиција и да се прогласува по еден почесен член на ФК Вардар, рече на вчерашната средба Стаматовски.
Стаматовски додаде дека е многу среќен што на оваа средба ги гледа легендите на Вардар кои одиграле најмногу натпревари за клубот, а тоа се Мето Спасовски и Кочо Димитровски, кои имаат одиграно по 1500 натпревари за Вардар во своите лични кариери.