Вчера (сабота, 23 февруари) министерката за култура Елизабета канческа Милевска го посети театарот во Велес кој е во изградба. Објектот зафаќа површина од 3.800 метри квадратни и ќе има две сали – големата со капацитет за околу 400 гледачи, а малата со капацитет за околу 100 гледачи.
–На мое големо задоволство, сакам да ве информирам дека во текот на втората половина на годинава, предвидено е да биде завршен и промовиран новиот објект наменет за Театарот во Велес со што конечно велешките актери ќе добијат современа театарска зграда и репрезентативно место, истакна Канческа-Милевска. Таа појасни дека во текот на 2013 година ќе се изведуваат завршните работи на партерното уредување, како и завршните работи на инсталациите во објектот, а до крајот на годината публиката ќе може да ја погледне и првата премиера.
Во годишната програма за 2013 година, финансиска поддршка од Министерството за култура добија и други значајни проекти од Велес, меѓу кои се и сликарско-копаничарската колонија „Папрадишки мајстори“ која е во организација на Општина Велес, Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“, како и манифестацијата „Рацинови средби“ за која во изминатиот период поддршката е зголемена за 40 проценти.
Што се однесува до проектите од заштитата на културното наследство, годинава од буџетот на Министерството за култура извоени се средства за изработка на конзерваторски проект за санација на Спомен-костурницата на паднатите борци од НОВ од Велес и Велешко. Од особено значење за зголемување на туристичката посетеност на Велес е и реализацијата на проектите на Музејот Велес за санација на спомен-куќите на Петар Поп Арсов во Богомила и на Kоле Неделковски во селото Војница, со што градот на Рацин доби уште два објекти кои ќе го поттикнат интересот на сите домашни и странски туристи.
Од особено значење и и фактот што во текот на 2012 година, Националниот конзерваторски центар, започна со реализација на на двегодишен проект за конзервација и реставрација на корпусот икони во црквата Св. Петар и Павле во селото Папрадиште. Годинава и извоени се средства за реализацијата на втората фаза од овој проект со кој ќе бидат конзервирани 7 икониод оваа црква, со што ќе биде сочувано значајно културно наследство.