Општина Кисела Вода ќе ја пречека Новата 2013-та заедно со своите граѓани, со спектакуларен настан. Најпопуларните македонски поп и фолк изведувачи ќе настапат на бесплатен концерт во новиот парк „Македонија“ во населба Кисела Вода во Скопје.
Официјалната програма ќе се состои од настапи на Миле Кузмановски, Бени Шаќири, Тамара Тодевска, Дарко Илиевски, Ристо Самарџиев, Мики Јовановски Џафер со бендот, Верица Пандиловска и група Академци, кои ветуваат незаборавна забава за пречек на најлудата ноќ. Главен виновник за загревањето на атмосферата ќе биде актерот Сашко Коцев, кој ќе го води настанот.
„Како и претходната, и оваа година сакаме да направиме спектакуларен настан за сите жители на Општина Кисела Вода и на Градот Скопје и да приредиме незаборавна забава. Ги поканувам сите граѓани да дојдат и заедно да ја дочекаме Новата 2013-та Година, да уживаме и да се веселиме со најпознатите хитови, во изведба на најголемите ѕвезди на македонската музичка естрада.“ – изјави градоначалникот наКисела Вода, Марјан Ѓорчев.
Концертот ќе се одржи на 31-ви декември, понеделник, во реконструираниот парк „Македонија“, кој се наоѓа пред објектот на поранешното кино во населба Кисела Вода и ќе биде бесплатен за сите посетители. Официјалниот почеток е закажан за во 21:00 часот, а во текот на денот ќе има детска програма, забава и активности за најмладите во организација на училиштата од општината.