На денешен ден: Роден е Томо Шијак

На денешен ден (15 март) 1930 година е роден Томо Шијак, во Косово Поле. Починал во Скопје, на 29.12.1998 година. Детството го поминал во Добрево, Пробиштип.

Од 1946-1950 работел во „Декор–биро“ во Скопје, каде што во тој период изработил голем број на портрети на историски и актуелни политички личности во поголеми димензии, а по повод разни прослави.

Во 1953 година, го извел својот прв мурал, монументална декоративна композиција на Градската плажа во Скопје (долга околу 100 метри). Истата година се запишал на Белградската Академија на ликовни уметности, но потоа се префрлил во Љубљана. Бил член на ДЛУМ и СЛУЈ.

Во неговото творештво познат е по изведбата на повеќе монументални сликарски композиции/мурали: во бившиот ресторан „Вардар“, Инвалидскиот дом, хотел „Турист“, кино „Бамби“, во повеќе приватни куќи, во инвалидското одморалиште во Охрид, ресторан „Атина“ во Белград и др. Направил фигури за куклениот театар „Силјан Штркот“.

Во 1972 година го изработил „Симболот на правдата“ во зградата на Општинскиот суд 1 во Скопје. Од 1975 година до пензионирањето бил вработен како советник за ликовна уметност во Собранието на Македонија.

Негови дела се наоѓаат во повеќе јавни институции, организации, музеи, галерии и приватни лица во земјата и странство (Скопје, Охрид, Штип, Куманово, Струмица, Белград, Загреб, Подгорица, Сараево, Софија, Солун, Њујорк, Чикаго, Бостон, Торонто, Сиднеј, Лондон, Берлин, Нирнберг, Келн, Диселдорф, Солинген, Лајхлинген, Братфорд, Торино, Рим итн.)

Томо Шијак е еден од неколкумината автори, уметнички родени во 50-те години на 20тиот век, кои се издвоија како означувачи на авангардистичките текови на тогашната македонска ликовна уметност.

Извор: Национална галерија

You May Also Like