Скопје ќе има уште една катна гаража

Градот Скопје денеска (недела, 22.05.2011 година) ја почна изградбата на катната гаража на улицата „Даме Груев“ во близина на ТЦЦ Плаза (кај поранешно Беко). Почетокот на градежните работи на катната гаража го означија градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски.

– Почнуваме уште еден во низата капитални проекти кои што ќе имаат огромно позитивно влијание  кон подобрување на сообраќајниот хаос во Градот Скопје, денес го означуваме почетокот на Градежните работи за изградба на уште еден објект во Скопје – Катната гаража на улицата Даме Груев.  Станува збор за современ објект што ќе обезбеди јавен паркинг за  околу 605 возила и ќе придонесе кон решавање на еден од најголемите сообраќајни проблеми во центарот на градот – обезбедувањето паркинг место за сите.  Градот Скопје во последниве две години интензивно работи на решавање на сообраќајните проблеми со кои граѓаните на Скопје и бројните посетители секојдневно се соочуваат, рече градоначалникот Трајановски на стартот на градежните работи на катната гаража.

Новиот објект – Катната гаража ќе се гради на површина од околу 3.070 квадратни метри и ќе има 7 (седум) ката над земја и две нивоа под земја. Објектот ќе биде висок 23 метри. За влез и излез од гаражата е предвидено модерно сообраќајно решение и пристап од улицата Даме Груев.

На приземјето и на првиот кат се предвидува простор за деловно-трговска намена, а на останатите катови се обезбедуваат 605 паркинг-места, како и паркиралиште за 120 велосипеди. Сообраќајот по катови ќе се одвива преку спирална рампа сместена во кула. На секој кат се предвидени тоалети за посетителите, вклучувајќи и тоалет за лицата со посебни потреби. Објектот е енергетски ефикасен, според сите стандарди, со модерни системи за греење и ладење, како и противпожарна заштита.

Фасадата на објектот ќе биде застаклена и ќе овозможува природна вентилација. Просторот околу катната гаража партерно ќе се уреди по завршувањето на градежните работи.  Рокот на изградба е две години.

Изградбата на катната гаража на улицата „Даме Груев“ претставува втора катна гаража, по катната гаража на улицата „Мито Хаџивасилев Јасмин“ што Градот Скопје започна да ги гради во текот на оваа година со цел решавање на проблемите со паркирањето и обезбедување доволен број паркинг места за граѓаните во централното градско подрачје.

You May Also Like