Бит Фест: Tеатарски работилници, музички хепенинг и модна недела

Од денеска (петок, 6 јули) до недела (8 јули) во термините од 9.30 до 14.30 во салата на Завод и музеј Битола се одржуваат театарски работилници со  Шамал Амин и д-р Нигар Хасиб од Австралија.

Шамал Амин и Нигар Хасиб секогаш се обидуваат да создадат празен простор, кој потоа станува исполнет со глас и движење. Простор во кој околината се претвора во “Секаде и Никаде”, во ритуален-простор и времето се преобразува во “Секогаш и никогаш”, во ритуално-време.

Работилниците се наменети за актери, режисери, драматурзи, пејачи, музичари, танчери и дизајнери на сцена и светло. Сите од овие профили можат да земат учество. Просторот за одржување е празна акустична просторија, а учесниците ќе работат боси, во комотни алишта во една боја по можност црни.

Бит Фест е копродуцент и на претставата „Големиот инквизитор“ која вечер во 21 часот во Сарајот во Ресен ќе го означи стартот на 10-то јубилејно издание на Интернационалниот фестивал „Актерот на Европа“.
По тој повод Општина Битола обезбеди превоз за сите заинтересирани кои од Битола сакаат да патуваат во Ресен. Превозот поаѓа од пред општинската зграда во 19.30 часот.

Денеска започнува и музичкиот хепенинг под отворено небо со времетраење од 10 часа и настап на 8 Ди-Џеи: Matthew Hoag (Slovenia) / Marko Nastic (Serbia), Sound Diffusion (skopje); Saso Recyd (Bitola), Dejan Dex & Goran Tech & K.Petrovsky & M.Grozdanovski

На плоштадот Магнолија во 21.00 ч ќе биде означен стартот на „Bitola fashion week“. Основна цел на проектот е афирмирање на модата во нашиот град преку ангажирање на сите заинтересирани во оваа сфера.

Во рамките на манифестацијата „Bitola fashion week” пред посетителите ќе бидат претставени најновите колекции на познатите модни креатори од Македонија. Покрај познатите и афирмирани македонски модни имиња на модната недела ќе се претстават и дебитанти – нови имиња во светот на модата.
На манифестацијата покрај модните креатори учество ќе земат и изработувачи и продавачи на накит, чанти и обувки како составен дел од модата и модерното облекување.

You May Also Like