Вчера (четврток, 18 април), во наменски адаптирана просторија во склоп на Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“, беше отворен новиот Центар за дарување крв.
Центарот за отворен го прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а реализацијата на овој проект се должи на одличната соработка на Црвениот крст на град Скопје, Црвениот крст на Република Македонија, Институтот за трансфузиона медицина и Град Скопје.
– Дневниот центар за дарување крв ќе биде под патронат на Градот Скопје, којшто истовремено е и Светски град на солидарноста и хуманоста. Во оваа насока, Градот Скопје со доделување на средства во износ од околу 200.000 денари, ќе придонесе кон промовирање на крводарителството, хуманоста и солидарноста во нашиот град. Овие средства, Град Скопје му ги додели на Црвен крст на град Скопје за опремување на Дневен центар за дарување крв во Скопје. Во оплеменувањето на надворешниот простор во кој е направено поплочување и се поставени клупи, партиципираа ЈП „Улици и патишта“ и ЈП„Паркови и зеленило“. Доброволното дарување крв претставува одраз на високи етички, хуманирани и морални вредности. Да се дарува крв и да се спаси нечиј живот, воден од алтруистички побуди е благородно дело. Отворањето на Дневниот центар за дарување крв ќе им овозможи на граѓаните во секое време да можат да даруваат крв, а со тоа и да се зголемат резервите на оваа течност и можностите за спасување животи, истакна градоначалникот Трајановски.
Во убаво и топло опкружување во надворешниот дел од просторот во кој се поставени клупи, крводарителите ќе имаат можност својата хуманост преку чинот на крводарување да ја покажат секој работен ден ( од понеделник до петок) и сабота од 10:00-17:00 часот. Во овој период ќе биде присутна екипата од Институтот за трансфузиона медицина. Освен тоа ќе имаат можност да се дружат, разменат идеи и искуства, а во Центарот ќе бидат поставени и информативни материјали за крводарителство кои ќе содржат корисни информации за крводарителите. Правилната едукација е важен фактор за мотивација на секој иден крводарител, како и дополнителен поттик за повеќекратните крводарители. Преку овој центар ќе се мотивираат и младите крводарители со цел нивно активно вклучување како редовни крводарители, согласно со нивната општа здравствена состојба. Основните активности на Центарот за постигнување повисоки цели се: надградување на капацитетите на организацијата во делот Крводарителство на територија на град Скопје, мотивирање на потенцијалните крводарители и поттикнување на повеќекратните, промовирање на здрави животни навики, како и дружење, размена на идеи и искуства на крводарителите на територија на град Скопје.
-Во текот на 2012 година, на ниво на Р. Македонија, Црвениот крст на РМ во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, реализираше вкупно 54 687 единици крв од планираните 55. 000, што значи реализација од 99,43 %. Во текот на годината беа реализирани 951 акција на терен што е бројка за почит и показ за добрата соработка помеѓу партнерите за спроведување на програмата за унапредување на крводарителството во Р. Македонија. На територија на град Скопје, во текот на 2012 година собрани беа 15.000 единици крв, што претставува 88,5 % остварување на планираното. Црвен крст на град Скопје, со координативна улога помеѓу 5-те ООЦК, постојано е активен во промовирањето и унапредување на крводарителството на територија на нашиот град. Таа промоција ја реализираме преку 2-те редовни крводарителски акции (по повод 26 Јули и 13 Ноември), крводарителските акции иницирани во соработка со здруженија, фондации (традиционалната соработка со Тоше Фан форум клубот), гостувања во медиуми, редовни средби и состаноци со комисијата за крводарителство во организацијата, Клубот на крводарители, Клуб 25 – клуб на млади крводарители-мотиватори, печатење на промотивни материјали и информативни флаери, мотивирање на младата популација, г-ѓа Сузана Тунева-Пауновски.
Денешното отворање на Центарот за дарување крв претставува надградување на капацитетите за крводарителство и унапредување на крводарителството на подрачјето на град Скопје. Црвен крст на град Скопје има улога на координатор и работи на унапредување и промовирање на крводарителството на подрачјето на град Скопје. При одбележување на значајни датуми за граѓаните на градот Скопје, а по повод 26 Јули и 13 Ноември, Црвен крст, ги организира традиционалните крводарителски акции, при што досегашниот пристап бил волонтерите, односно вработените во Црвениот крст да им приоѓаат на граѓаните кои сакаат да даруваат крв, а отсега сите хумани граѓани на Скопје, ќе можат да даруваат крв во пропсториите на Центарот.