Вчера (сабота, 15 септември, 2012 година) на Школка во Градскиот парк беше промовиран првиот број од уличното списание „Лице в лице“. „Лице в лице“ е дел од регионалната платформа за активизам „ЛИЦЕУЛИЦЕ“ која се спроведува во Србија, Босна и Херцеговина, Косово, а отсега, со ЦМА и во Македонија.
Школка е местото од каде децата од улица вчера (сабота) здружно ја испратија својата порака до сите поддржувачи на иницијативата за подобра иднина на маргинализираните, учествувајќи во промоцијата на првиот број на уличниот магазин, „Лице в лице“.
Многу насмеани лица, силна енергија и безрезервна надеж, го одбележаа саботниот ден посветен на магазинот чиј фокус се општествено одговорни теми, како заштита на животната средина, демаргинализација на групи и поединци, унапредување на животот во градовите, како и прашања поврзани со културниот развој.
Списанието, кое е дел од регионалната платформа за активизам „Лице в лице“ која се спроведува во Србија, Босна и Херцеговина, Косово, а отсега преку Центарот за медиумски активности, и во Македонија, облечени во препознатливи униформи, го продаваа младите од улица, кои беа дел од Едукативно-забавниот дневен центар во Шуто Оризари.
Поддршката беше видлива уште првиот ден. На продавачите на „Лице в лице“ не им беше тешко да ги убедат општествено-свесните граѓани во Градскиот парк за позитивните ефекти од продажбата на магазинот, кој чини 100 денари, од кои половината оди на нивна сметка, а останатиот дел за системот кој треба да го подобри статусот на маргинализираните групи.
Заложбите на младите активисти беа потпомогнати и од ликовниот уметник Сергеј Андреевски, кој несебично се вклучи во мисијата за подобро утре, па дури и им помагаше на младите продавачи да бидат поуспешни во продажбата.
Атмосферата во Градскиот парк, освен со звуците на реге диџејското дуо Џам систаз, беше збогатена и со изложба на рачни изработки, оригами, накит од рециклиран материјал, и други предмети кои децата од Центарот ги направија специјално за промоцијата на „Лице в лице“. Изложбата беше продажна, а собраните пари ќе бидат наменети токму за нив и за подобрување на условите на Центарот.
Саботната акција беше безерезервно поддржана и од средношколци и студенти, кои волонтерски се приклучија кон мисијата.
Денеска, пак, нивната продажна акција продолжува во трговскиот центар „Рамстор“ во 16:00 часот. „Лице в лице“ го поддржаа и актерката Лабина Митевска, режисерот Дарко Митревски, фудблерот Дарко Панчев и други јавни личности кои се вклучија во промотивната кампања на магазинот и помогнаа заложбите на регионалната платформа за активизам да бидат повидливи.