Вчера, во Хала 1 – Метрополис арена на Саемот во Скопје, градоначалникот на Град Скопје и претседател на ЗЕЛС (Заедница на единиците на локалната самоуправа на РМ), Коце Трајановски, го прогласи за отворен 6-от по ред Саем на единиците на Заедницата на локалнита самоуправа-ЗЕЛС ЕКСПО 2011.
– Големо е задоволството што на секои две години, сите локални власти од Република Македонија се собираат овде, на оваа наша традиционална манифестација. „ЗЕЛС-ЕКСПО“, претставува промоција на развојот на децентрализацијата во земјава, промоција на развојот на нашите општини. Како резултат на единството на локалните власти, постигнавме значајни резултати и забрзан развој на оваа системска реформа, што години наназад добива позитивни оценки во извештаите на Европската комисија за напредокот на нашава земја. Но, она што е уште позначајно е дека децентрализацијата се повеќе добива поддршка и од нашите граѓани. Токму затоа „ЗЕЛС ЕКСПО“ годинава го посветуваме на тема што е значајна за општините во републикава, но најмногу за сите граѓани на Македонија-„Локалниот економски развој и инвестирањето во општините“, истакна Трајановски.
Градоначалникот Трајановски појасни и дека темата на годинешниов Саем на општини е избрана како резултат на донесувањето на новиот Закон за градежно земјиште , но ги наброи и постигнатите општински резултати во изминативе две години.
– Отсега па натаму, Општината ќе биде таа којашто ќе води регистри за земјиштето, ќе ги спроведува аукциите, ќе преговара и разговара со потенцијалните инвеститори, ќе гради критериуми, ќе обезбедува инфраструктура и планови, како и се што е потребно за да се привлечат што повеќе инвестиции. Веќе 14 Општини ги исполнија предвидените законски услови да се стекнат со надлежноста да управуваат со градежното неизградено земјиште, во име на државата, а речиси секој момент ја очекуваме и првата општина што овие законски одредби ќе ги реализира и во практиката, потенцираше Трајановски.
Во рамки на Саемот, општините ќе можат да ги претстават своите досегашни активности, најдобрите проекти и идни планови. Ќе бидат организирани панел дискусии во Дипломатик и Бизнис салата на Скопски саем, каде што локалните власти ќе имаат можност да презентираат значајни проекти чијашто реализација е во тек.
Град Скопје на „ЗЕЛС-ЕКСПО“, ќе се претстави со визуелизација на реализираните проекти за овие две изминати години, но и со оние капитални инвестиции кои ќе бидат реализирани во иднина. Штандот на Град Скопје, се наоѓа централно во Хала 1- Метрополис арена, на 70 метри квадратни се поставени големи паноа со слики од реализираните и идни проекти, а за заинтересираните се дели печатен материјал за градот Скопје. Општините на своите штандови, ќе изложат пропагантен материјал за своите проекти и локални знаменитости, со што ќе ги потсетат посетителите на Саемот со какви природни богатства располага Република Македонија, но и ќе ги вратат сеќавањата на минувачите на веќе подзаборавените занаети на македонските мајстори, на македонскиот мелос и традиција.
На отворањето на дводневниот Саем на единиците на заедницата на локалната самоуправа-Зелс Експо 2011, говореа и Министерот за финансии, Зоран Ставревски, Н.Е. Пол Волерс, амбасадорот на САД во Република Македонија, амбасадорот на Швајцарија во нашата земја, Н.Е. Стефано Лазарото и Н.Е. Робин Лидел, вршител на должност на Делегацијата на ЕУ во РМ.