Македонското еколошко друштво денеска го одбележа Светскиот ден за заштита на биолошката разновидност – 22 мај, како дел од меѓународната кампања за подигнување на јавната свест за зачувување на биолошката разновидност. Настанот се одржа крај брегот на Преспанското Езеро, хотел „Лејквју“ Отешево.
Настанот го организира Македонското еколошко друштво (МЕД), со поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка – Deutsche Gesellschaft für Internationale Zusammenarbeit (GIZ) под покровителство на Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на биодиверзитетот, всушност претставува дел од активностите предвидени со проектот „Зачувување и одржливо искористување на биолошката разновидност на Преспанското, Охридското и Скадарското Езеро“ кој го спроведува GIZ. Слични настани под мотото „Размислувај регионално, делувај регионално“ се организираат и во Албанија и Црна Гора, но и пошироко на ниво на Централна и Источна Европа.
Република Македонија се смета за едно од најзначајните упоришта на биолошка разновидност на глобално ниво – досега се регистрирани 17,604 видови (растенија, габи и животни) и над 260 растителни заедници. Од посебно значење е присуството на преку 850 ендемични видови (според Националната студија за состојбата со биолошката разновидност, 2003).