Македонскиот центар за култура во Њујорк со богата програма

Македонскиот центар за култура во Њујорк веќе десет години ги запознава граѓаните на овој град со културата и уметноста како и со културното наследство и културните вредности на Република Македонија.

Досега во Центарот кој претставува простор за презентации и промоција на македонската современа култура, но и место за размена на искуства и соработка меѓу уметниците реализирани се над 120 проекти на македонски уметници кои предизвикаа голем интерес и внимание кај њујоршката културна јавност.

И оваа година во Македонскиот културен центар во Њујорк со поддршка на Министерството за култура успешно се реализираат проекти на македонски уметници.

По успешните концерти на Езгија трио, камерното студио „Бахус“ и заедничкиот концерт на Весна Ѓиновска Илкова и Кристина Светиева како и успешната реализација на изложбите на Жаклина Глигориевска Михајловска и Татјана Манева кои се реализираа во првата половина на 2014 година, до крајот на годината во Македонскиот културен центар ќе се реализира и изложба на Ангел Миов и Маја Кировска, презентација на мултимедијалниот проект „Праг“ на Фунда Ибрахим, Батухан Ибрахим, Беди Ибрахим и Горанчо Ѓорѓиевски, изложбата „Бруха“ на Дејан Буѓевац и Билјана Кајевиќ, презентација на проектот „Македонскиот архетип во графичкиот запис“ на Александар Јовановски, групната изложба „Каде да (не) се оди?“ на проектниот простор „Прес ту егзит“,како и изложба на скулптури и фотографии „Македонски митови и легенди“ на авторите Дарко Дуковски, Елена Дуковска и Мартин Митревски.

Од музичката програма ќе споменеме дека за првата половина на декември закажан е проектот на Скопски џез фестивал „Презентација на Скопскиот џез фестивал“ и реализација на придружен концерт на квартетот на Тони Китановски.

Со реализацијата на сите овие проекти продолжува традицијата на континуирано претставување на македонската култура во една од најважните светски културни метрополи.

You May Also Like