Вечерва (четврток, 15 ноември) со почеток во 18:30 часот, ќе биде отворена ретроспективната изложба на старата кратовска архитектура,претставена преку цртежи и слики на деца, учесници на традиционалната Детска ликовна колонија, која по 19-ти пат се одржува во организација на Домот на културата “Лазар Софијанов” од Кратово. Учесници се деца од Македонија и ученици од Бугарија и Србија.
Изложбата е инспирирана од убавините на старата градска архитектура на градот Кратово а најчести мотиви на талентираните млади учесници се градските кули,мостови,чешми и старите кратовски куќи.
Изложбата ќе ја отворат директорите на КИЦ на Република Македонија во Софија, Васко Шутаров и на Домот на културатаво Кратово, Живко Крстевски.
Проектот е поддржан од страна на Министерството за култура на Република Македонија.