Отворена изложбата „Стари мапи на Македонија 15-20 век“ во Битола

Националната установа Завод и Музеј Битола, во соработка со Археолошкиот музеј на Истра од Пула, денеска (четврток, 15 хоември) во Битола отвори изложба „Стари мапи на Македонија 15-20 век“ од авторот Алдо Климан, македонец со битолски корени, кој живее во Пула.

Изложбата за отворена ја прогласи градоначалникот на Битола Владимир Талески, кој најави понатамошна соработка со авторот, издавање на посебна фото-публикација со старите мапи на Македонија.

– Оваа драгоцена изложба не може нумерички да се вреднува. Станува збор за мапи кои сведочат за период од половина милениум на овој простор, пет века живот за Македонија и се што било околу Македонија. Верувам дека во соработка со авторот ќе издадеме публикација која ќе биде достапна до секој граѓанин, посочи Талески.

Авторот на изложбата Алдо Климан пред битолчани истакна дека за подготвување и собирање на целиот материјал добил поддршка од многу релевантни институции во Хрватска, но и во Македонија бидејќи изложбата освен што е прифатена, таа по Скопје и Битола, наскоро ќе биде поставена и во Штип.

– Овие карти се придонес за македонското достоинство и самопочит. Во овие документи е посведочен нашиот живот и тоа од светски познати картографи. На најстарите карти кои не се политички, туку географски се наоѓаат топоними со наши идентични имиња како и денешните, односно не само античките туку и современите, истакна Климан. Меѓу мапите поместени на изложбата во НУ Завод и Музеј-Битола, се наоѓаат и карта од 1497 година во даборез на која се препознава и градот Охрид, карта од 1550 печатена во Базел со приказ на античко Скопје, карта од 1607 година на Меркатор во која доминира богата македонска топономија и други карти кои авторот ги пронашол во Париз, Лондон, Венеција и други европски градови.

(извор Плусинфо)

You May Also Like