Денес (понеделник, 11 јуни 2012 година) во скопската Зоолошка градина, беше промовирано туристичкото вовче, донација на Т – Хоум и Т – Мобајл Македонија. Присуствуваа Коце Трајановски – градоначалник на Град Скопје, Даниел Сас – главен извршен Директор на Т-Хоум Македонија, Жарко Луковски – главен извршен директор на Т-Мобајл Македонија и Татјана Стаменов – директор на Зоолошка градина – Скопје.
– Би сакал да го искажам моето задоволство и благодарност до фирмите донатори во Зоолошката градина – Скопје, зашто без нивна помош реализацијата на одредени проекти не би била возможна. Возот што го донираат Т-Мобајл и Т- Хоум, којшто се едни од првите фирми донатори на зоолошката, сметам дека ќе придонесе за поголема посетеност на Зоо Скопје, зашто ќе се зголеми атрактивноста на ова наше животинско катче. Градот Скопје и натаму ќе одвојува финасиски средства, но и ќе ги поддржува фирмите што сакаат да донираат за Зоолошката градина, сметајќи ги за општествено одговорни компании, истакна градоначалникот Трајановски.
Туристичкиот воз е со современ дизајн и е единствен од ваков тип во регионот, наменет е за едукативни прошетки низ градина, има добро озвучување, а за туристичките прошетки ќе биде ангажиран и водич.
– Вовчето пред се е наменето за превоз на децата коишто ќе можат организирано да се возат, полесно да ги посетуваат и да се едуцираат за животните во ЗОО-Скопје. Со возот во иднина ќе може да се реализираат и посебни едукативни роденденски забави, но ние ќе ги разгледаме и другите можности што ги нуди вовчето и секако ако нивната реализација значи поголема атракција за нашите посетители, а пред се за децата секако дека уште веднаш ќе ги спроведеме. Оваа донација е уште еден доказ дека во Зоолошката градина во Скопје континуирано се работи на процесот на модернизација, со воведување на поголем број забавни активности, но не заборавајќи ги безбедосните критериуми за посетителите. Навистина ми претставува чест што со едно вакво вовче, какво што не може да има секоја зоолошка, скопските посетители ќе можат да имаат несекојдневно искуство во рамките на едно мини ЗОО сафари, потенцираше директорот на Зоолошката, Татјана Стаменов.
Возот е долг десеттина метри, има 2 вагона и е со капацитет од вкупно 36 седишта, а чини околу 5 000 000 денари.