Дисплеј за мерење на квалитетот на воздухот на улица Македонија

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, денеска (11.02.2011 година) го промовира дисплејот што го прикажува квалитетот на амбиентниот воздух во центарот на градот, којшто е поставен на улицата Македонија, пред Домот на АРМ.

Поставувањето на дисплејот е дел од заложбата на Градот за заштита на животната средина и квалитетно и навремено информирање на граѓаните, а со поставувањето на овој дисплеј го реализира проектот „Скопје дише“.

– Градот Скопје постави автоматски портабл инструмент – airpointer, којшто врши мерење на загадувачките материи во воздухот, и тоа јаглеродмоноксид, сулфурдиоксид, азотни оксиди и партикуларни честички помали од 10 микрометри. Инструментот ги мери и ги прикажува и метеоролошките параметри – температурата на воздухот, брзината и правецот на ветерот и влажноста на воздухот, што се неопходни за пресметување на добиените податоци за загадувачките материи. Софистицираниот инструмент за следење на загадувачките материи користи референтни методи, во согласност со регулативата на Република Македонија, во којашто се пренесени стандардите на Европската унија.

Инструментот е набавен по пат на јавна набавка, а испораката, монтажата и едногодишната гаранција е на фирмата „Фармахем“. За набавка на дисплејот потрошивме околу 5 милиони денари. Градот Скопје во најкраток рок ќе направи интернет – поврзување на поставениот airpointer. На тој начин моменталните податоци за квалитетот на амбиентниот воздух ќе пристигнуваат во Градот и ќе бидат поставени на официјалната Интернет-страница www.skopje.gov.mk и ќе се трансферираат до Министерството за животна средина и просторно планирање – рече градоначалникот Трајановски, на денешната промоција на дисплејот.

Инструментот е поставен на столбна конструкција, со голем плазма екран, на којшто се претставени измерените вредности на загадувачките материи што се мониторираат. Заради достапност на граѓаните, истите се пресметани и преку Индексот за квалитетот на амбиентниот воздух, при што текстуално и со соодветна боја е истакнат моменталниот квалитет на воздухот и е даденa препорака за населението.

Главната цел на поставувањето на овој airpointer е навременото информирање на граѓаните за квалитетот на амбиентниот воздух, но истовремено, истиот претставува релевантно мерно место во градот, односно прво во локалната мониторинг мрежа за квалитетот на воздухот на Градот Скопје.

Градот Скопје планира да ја гради својата мрежа континуирано и во соработка со скопските општини, затоа што мониторингот на воздухот е еден од условите и појдовна точка во процесот на управување со квалитетот на воздухот.

 

 

You May Also Like