Генералниот директор на УНЕСКО во официјална посета на Македонија

По повод златниот јубилеј на реномираната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“ денеска и утре, во официјална посета на Република Македонија, ќе престојува генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Ирина Бокова.

Во  текот на денешниот ден, г-ѓа Бокова, придружувана од министерот за култура и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, Елизабета Канческа-Милевска ќе го посети Музејот на вода во Охрид, а во вечерните часови (во 21:00 часот, во катедралната црква „Св. Софија“) ќе присуствува на презентацијата на поетскиот портрет на годинашниот лауреат на СВП, Матеа Матевски.

Високиот фукнционер на УНЕСКО, во недела, со почеток во 20:30 часот, во рамките на „Струшките вечери на поезијата“ ќе има и свое обраќање на меѓународниот митинг на поезијата „Мостови“, а воедно ќе ја врачи наградата на УНЕСКО за најдобар млад поет. Генералниот директор на УНЕСКО, во рамките на својот престој во Република Македонија ќе го посети и манастариот „Свети Јован Бигорски“ за кој оваа значајна организација даде ургентна помош за обнова за опожарениот споменик на културата.

Во  текот на утрешниот  ден (28.8.2011 година) во 11 часот во хотелот  „Инекс Горица“ во Охрид,  генералниот директор на УНЕСКО, г-ѓа Ирина Бокова и министерот за култура и претседател на Националната комисија на УНЕСКО, Елизабета Канческа-Милевска ќе остварат и билатералната средба на која ќе разговараат за досегашната соработка и актуелните проекти кои Република Македонија ги реализира во рамките на соработката со УНЕСКО.

You May Also Like