Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Министерот за внатрешни работи на Република Македонија, Гордана Јанкуловска овој викенд (недела, 03 јули 2011 година) на платото пред просториите на Град Скопје во Градски парк, официјално ги промовираа унифицираните ознаки за авто-такси превозниците и ги доделија лиценците за авто такси дејност.
„Со промоцијата на изгледот на унифицираните ознаки за авто-такси превозниците стартува реализацијата на новиот концепт и организација на овој вид превоз на патници, утврден со Одлуката за авто такси дејност на подрачјето на град Скопје, донесена во месец октомври 2010 година, со што ќе стави крај на хаосот во такси превозот“, изјави Градоначалникот Трајановски при промоцијата на унифицираните авто такси ознаки.
Такси–превозниците ќе добијат унифициран изглед во надворешното обележување на возилата и внатрешниот изглед на возилото.
Секое возило добива унифицирана табла со натпис ТАКСИ и број од изводот од лиценцата, издадена од Град Скопје. Такси возилата ќе бидат видно обележени и со надолжни налепници, изработени од ретрорефлектирачка фолија (лесно забележлива и во темнина), заштитена од фалсификување со холограм.
Во внатрешниот дел на секое возило унифицирано се поставуваат информации за: извод од лиценцата на авто-такси возилото, легитимација на возачот и тарифа за наплата. Овие изводи со унифицирани димензии се поставуваат на пропишани јасно воочливи места за патниците на предниот кокпит на возилото.
Град Скопје за изработка на ознаките за унифицирање (табли и налепници) за сите возила предвидени со Одлуката издвои 5.800.000 денари, од кои 3.8 милиони денари за таблите и 2 милиони денари за налепниците, а истите бесплатно се поделени на лиценцираните авто такси превозници.
Во овој дел околу организацијата на такси превозот, Град Скопје, согласно Одлуката, досега уреди 90 такси стојалишта и до крајот на септември ќе бидат уредени уште 45, со што ќе се обезбедат услови на нив да се стационираат околу 720 авто-такси возила.
Град Скопје досега добил барање од 350 правни субјекти за издавање на лиценца и има издадено лиценци за 950 авто-такси возила. Во регистерот на Град Скопје согласно одлуката се превидени 3000 возила, што значи дека има простор за уште 2000 возила за сите што сакаат легално да ја обавуваат дејноста.
Унифицирањето на изгледот на авто-такси превозниците во оваа фаза ќе придонесе да се стави крај на долгогодишниот хаос во такси-превозот, со што ќе се подобри квалитетот на услугите за патниците, сигурноста на патниците, како и условите за работа на такси-превозниците.
Градот Скопје во соработка со Министертвото за внатрешни работи, започнувајќи од утре ќе ги интензивира инспекциските контроли на подрачјето на Град Скопје со цел ставање на крај на хаосот во такси превозот и доследно спроведување на Одлуката за авто такси дејност на подрачјето на Град Скопје.