Програма на Бит Фест (понеделник, 25 јули)

Во понеделник во Центарот за култура со почеток во 10:00 часот ќе се одржи поетски симпозиум насловен како: ,,Поезијата на Матеја Матевски современи аспекти и согледувања”

Големиот македонски поет Матеја Матевски е добитник на највисоката награда на овогодишниот меѓународен фестивал „Струшки вечери на поезијата“. Тоа е повод и „Поетски синтези“ да ја поддржи прославата на автентичното поетско писмо на Матевски на нашиве простори.

-Поезијата на Матеја Матевски е тотализација на неговото поетско искуство, симултаност на неговото сваќање на времето во поезијата, проникнување во минатото, сегашноста и иднината (Георги Старделов).

-Во својата поезија Матевски ја дава својата варијанта на македонскиот, но и длабоко медитерански мит за проникнувањето на убавината и смртта,  за свадбениот, дионизиски чин на прославата на плодноста и раѓањето, на сопоствувањето на светлината и мракот, на летот и падот, на сомнежот и надежта (Влада Урошевиќ).

25 Јули, понеделник во отворениот дел на старата турска куќа – Магаза,  со почеток во 20:00 часот , ќе се одржи Интеркултурна кулинарска вечер, со цел  – интеркултурна размена

На оваа вечер ќе се претстават десетина земји од светот со кои што здружението Together Macedonia соработува.  Со своја типична храна и пијалок ќе се претстават земјите кои ќе учествуваат овој настан: Шпанија, Турција, Словенија , Италија, Шведска, Франција, Естонија и Америка.

Деновите на ЕСРА филм во Битола продолжуваат и во понеделник  во 22:00часот со филмот ,,Оставени” од Босна и Херцеговина- филм на Адис Бакрач.

,,Оставени” е драма за момчето кое ја бара љубовта во непријателскиот свет.  Колку шанси има детето кое е родено во трагични околности?  Живеејќи во сенката на минатото без родителска љубов тринаесет годишниот Ален расте во сиропиталиште во Сараево, надевајќи се дека еден ден ќе ја пронајде својата мајка.  Како што му имале кажано во институцијата во која престојува, неговата мајка би требало да биде француски новинар која известувала за војната во Југославија.

Ален го заработува својот џепарлак вршејќи кражби за локалниот сопственик на продавницата.  Кога новиот управник на сиропиталиштето му се спротивставува на Шенто, Ален како плата за своите услуги го бара своето досие, каде што ја има адресата на мајка му.  Ален ќе открие дека вистината е многу поразлична од она што тој го очекува.

Изминатите два дена во рамките на филмските денови беа прикажани филмовите:  Пиран Пирано од Словенија – филм на Горан Војновиќ и ,,Источни игри” од Бугарија филм на Камен Колев награден со специјална награда на фестивалот ,,See a Paris”.

You May Also Like