Збирка раскази „Скопје, ти раскинуем“ на Тамара Јолевска Попов

Деновиве од печат во издание на ПНВ Публикации излезе втората збирка раскази на Тамара Јолевска Попов насловена според истоимениот расказ „Скопје, ти раскинуем“. Книгата содржи четиреиесетина куси раскази.

Промоцијата на книгата се одржа вчера (среда, 3 април) во Кино Фросина. Промотори беа Душко Крстевски, Ѓоко Здравески и Деспина Мукоска, извадоци прочита Томе Станковски, а како ди-џеј Ненад Стефаноски.

За книгата рекоа:
„Овие прозни записи се одлична закуска додека се возите во автобус, додека мечтаете на плажа, додека го пиете попладневното кафе дома или пивото во градскиот парк, додека децата се на најблиските лулашки. Со кратко читање на овие микрораскази и подолго размислување за нив, оваа книга е совршена џебна енциклопедија на љубовта, урбаната егзистенција, стравовите, кошмарите и созерцанијата. Со оваа книга Тамара дефинитвно „раскинуе“ со Скопје, но не и со нејзините читатели.“, Душко Крстевски

„Скопје, ти раскинуем“ му ја препорачувам на храбриот, урбан женски читател, кој има „муда од лабуда“ да ја заврти вековната, генетска, ментална завртка и подготвен е да разбере дека мааните кај љубениот ги забележуваме само тогаш кога престануваме да сакаме и почнуваме вистински да љубиме. Машкиот читател, но само оној со високо ниво на тестостерон и бестрашен ум за размисла (се плашам – ретка публика), ќе ја разбере Тамара „од прва“, Деспина Мукоска.

Тамара Јолевска Попов е родена на 30 март 1987 година во Скопје. Средното образование го завршува во уметничкиот колеџ „Бромсгроув“ во Бирмингем, Велика Британија. Дипломирала англиски и шпански јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирала англиски јазик на Универзитетот „Американ Колеџ“ Скопје. Долги години е присутна и на независната уметничка сцена.
Автор е на збирката раскази „Ге-дур“ (2013, ИЛИ-ИЛИ). Автор е и на неколку необјавени драмски текстови.
Работела како уредник во издавачки куќи, професор по англиски јазик во приватни училишта во Скопје, а во моментов е лектор на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје.

You May Also Like