„Турандот“ повторно на сцената на Македонската опера и балет

Во Македонската опера и балет, на 9 февруари (среда) во 20 часот, ќе биде изведена операта „Турандот“ од Џакомо Пучини.

„Турандот“ е опера во три чина, напишана по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана врз адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Операта изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“ (Nessun dorma).

Диригентка е Бисера Чадловска; режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако; кореографијата е на Саша Евтимова; концерт-мајстор е Јане Бакевски. Настапуваат: Весна Ѓиновска Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Злата Тошевска, Владимир Саздовски, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров, Мирослав Антовски; хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Македонската опера и балет.

You May Also Like