Во Кинотеката на Македонија од денеска до 18 октомври ќе се одржува третиот Меѓународен филмски фестивал за духовни, хумани и културни вредности „Богородичен покров”.
На фестивалот се прикажуваат филмови со духовни, хумани, морални, религиски и семејни вредности и филмови од културното и духовно наследство.
Ќе биде отворен вечерва (15 октомври) од 20 часот со документарниот филм „Очите на Фотографката“ во режија на Матеј Минач, добитник на околу 70 интернационални награди. Филмот е чешко-словачка копродукција и е дел од годинашната програма на одбележување 100 години од основањето на Чехословачка.
Гостин на годинашниот фестивал ќе биде режисерот Денис Бојиќ од Босна и Херцеговина со својот филм „Лицата на Лафоре“. Задутре напладне тој ќе има трибина во Кинотеката за новите методи во светот на лекување на оваа тешка болест.
Организатор на фестивалот е „Топ ворлд“ – независна ТВ-продукција од Скопје и е поддржан од амбасадите на Чешка, Словачка, Словенија, Романија и Босна и Херцеговина. Влезот за посетители е слободен.