Театарската претстава „Странци“ на Драмски на „Охридско лето“

Осумнаесеттиот ден на годинешното „Охридско лето“ на програмата е и театарската претстава „Странци“ на Драмскиот театар од Скопје на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“.

За театарската претстава „Странци“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје, може да се рече дека е „драмомедија“ во која седумина пријатели играат игра во која ги споделуваат сите телефонски пораки, разговори, фотографии, комуникациите преку социјалните мрежи и на тој начин ги откриваат личните тајни, отворајќи болни конфликтни ситуации. Истовремено се потенцираат разликите помеѓу приватното и јавното себе претставување.

Паралелните дејства создаваат епска сценска наративност која не се стреми да го означи крајот, туку расте во широчина. Сѐ во име на вистината. По соочување со вистината, следи судир со пост вистината, состојба во која фактите стануваат помалку влијателни отколку што се тоа емоциите и личните убедувања.

Текстот е по сценариото на италијанскиот филм „Перфектни странци“, а играат: Игор Ангелов, Ирена Ристиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Зоран Љутков, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ и Предраг Павловски.

Драматург е Викторија Рангелова Петровска, сценограф Константин Трпеноски, костимограф Роза Трајческа Ристовска, а композитор Огнен Анастасовски.

Поставката на претставата е на режисерката Нела Витошевиќ која високото образование и магистерските студии ги заврши на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Од 2011 до 2015 година работи и како демонстратор на истиот факултет, на отсекот актерска игра. Нејзината кариера успешно започнува со дипломската претстава „Чикашки перверзии“, на Дејвид Мамет, поставена и изведувана во Драмскиот театар – Скопје.

Понатаму нејзината кариера се развива со претставите „Вејка на ветерот“ и „Да тргнеме Сењор“ во Македонскиот народен театар, „Сон на летната ноќ“ и „Змејовата невеста“ во Прилепскиот театар, „Жена од минатото“ на Роланд Шимелфенинг, „Стари времиња“ од Харолд Пинтер и.т.н. Со претставата „Змејовата невеста“, Нела ги освои и главните државни награди и признанија за театар – награда за најдобра режија и награда за најдобра претстава на Фестивалот „Војдан Чернодрински“.

Од огромна значење за нејзиниот развој како професионалец е и формирањето на нејзиниот независен театар „Wonderland Theatre“ кој донесе свежина и поинаков пристап на независната театарска сцена во Македонија. Таа таму направи неколку претстави: „Фирма“, „5:17“, „Брод за кукли“. За претставата „Брод за кукли“ ја доби главната награда од жирото, за најдобра претстава на фестивалот МОТ.

You May Also Like