На сцената на отворено на планината Голак синоќа се одржа 24 издание на манифестацијата „Голачки фолклорни средби“ во организација на општина Делчево и Центарот за култура „Никола Јонков Вапцаров“.
На летната сцена на Голак настапија 12 фолклорни групи и ансамбли од земјава и од странство, промовирајки го фолклорот, преку кој присутните граѓани имаа прилика да видат шаренило од носии и ороводни и вокални традиции.
Во рамки на настапите на фолклорните друштва од Македонија и Бугарија посебен акцент беше ставен на настапот на фолклорната група „Копачка“ од село Драмче, Делчево која доби плакета. Групата годинава одбележува 70 години од своето постоење.
– Прекрасно е да се биде на Голак, на нашиот 70-годишен јубилеј кој го прославуваме. Нашиот настап е дел од кампањата за одбележување на приказната на Копачката, за нејзиниот опстој, за впишувањето во УНЕСКО. И благодарам на публиката која не поддржа во нашите напори за опстојот и одржливоста во УНЕСКО, истакна Перса Стојановска од здружението „Копачка“.
„Голачките фолклорни средби“ се една од 21 манифестации поддржани од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
– Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот првпат оваа година ја поддржува оваа манифестација што се одржува по 24 пат. Ова претставува сериозен сигнал за овој крај на Македонија дека Агенцијата сериозно размислува да го развива како туристичка дестинација, токму преку „Голачките средби“ и останатите сегменти на етносот, убавината и гастрономијата на овој крај. Средбата е на листата на 21 поддржана манифестација во Република Македонија поддржана од АППТ и претставува значаен елемент кој и понатаму ќе се промовира во сите промотивни материјали на агенцијата за 2019/20 година, рече директорот на АППТ Љупчо Јаневски.
Со овој настан беа заокружени дводневните случувања во Делчево, во рамки на кампањата „Да ја поддржиме приказната на Делчево“.