Рускиот пијанист Андреј Гугнин солист на концерт на Македонската филхармонија

Андреј Гугнин, меѓу најдобрите руски пијанисти од новата генерација музички уметници, ќе биде солист на вечерашниот концерт (четврток, 28 февруари) на Македонската филхармонија насловен „Пет става во дур“.

На концертот, кој ќе го води диригентот Даниел Рајскин од Русија, првпат на нашата сцена ќе бидат изведени „Марошек танци“ од Золтан Кодај и Третата симфонија од Петар Илич Чајковски насловена „Полска“. Таа е единствената симфонија на Чајковски со пет наместо вообичаените четири става и поради тоа е избран насловот на концертот.

Пред македонската публика Гугнин ќе го изведе елегичниот Концерт за пијано и оркестар бр. во 2 А-дур од унгарскиот композитор Франц Лист.

Наградуваниот руски пијанист има меѓународна кариера по завршувањето на студиите на Државниот конзерваториум во Москва. Критиката го нарекува „пијанист со брилијантна техника, музичка сензитивност и драматична интерпретација“.


Тој настапи со Македонската филхармонија на „Охридско лето“ во 2012та, а по гостувањето во Скопје му следуваат и други настапи во Европа, како и во Азија и Австралија.

You May Also Like