Репертоар во Кинотека на Македонија за април 2019

Кино репертоар во Кинотеката на Македонија за месец април 2019 година…

МЕСЕЦ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ
1 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
ЛОВЦИ НА ВЕШТЕРКИ

(Zlogonje / The Witch Hunters)
Игран филм, Србија / Македонија
2018, 95 мин., колор, ДСП
Режија: Рашко Миљковиќ (Raško Miljković)
Сценарио: Милош Кречковиќ, Марко Манојловиќ (Miloš Krečković, Marko Manojlović)
Улоги: Михајло Милавиќ, Силма Махмути, Јелена Ѓокиќ (Mihajlo Milavić, Silma Mahmuti, Jelena Đokić)
ЛОВЦИ НА ВЕШТЕРКИ е приказна за Јован и Милица кои се запознаваат кога Милица ќе се запише во одделението на Јован. За другите деца да не го повредуваат емотивно , Јован си има изградено свој имагинарен свет во кој Милица, малку по малку, успева да се пробие. Таа го повикува во авантурата за ослободување на татко ѝ од новата жена: Милица верува оти нејзината маќеа е вештерка која го маѓепсала татко ѝ…
Јован, од преголемата возбуда и радоста што конечно има вистинска другарка, ги осознава пречките што се јавуваат во вистинскиот живот, но и дека не е лесно да се прескокнат вистинските авантури како оние во неговата фантазија. А најголемата пречка од сите е самиот тој.
Јован ќе мора да се прифати себеси каков што е и да се впушти во најголемата авантура од сите – животот. Кога ќе го направи тоа, пред него се отвора цел еден нов свет во кој заедно со Милица ја откриваат вистинската природа на вештерката и на наполно неочекуван, но зрел начин, ја победуваат. И станува вистински суперхерој.
Возрасна категорија: Сите возрасти
Влезница: 100 денари

МЕСЕЦ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ
1 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
13 АПРИЛ (САБОТА), 18:00 ч.
17 АПРИЛ (СРЕДА), 20:00 ч.
ДАЛЕЧНО СОЅВЕЗДИЕ

(Distant Constellation)
Документарен филм, Турција / САД
2017, 80 мин., колор, ДСП
Режија: Шеваун Мизрахи (Shevaun Mizrahi)
Улоги: Селма (Selma)
Документарецот на Мизрахи е полн со атмосферата од филмовите на Андреј Тарковски, а неговите протагонисти се штитеници на дом за стари лица во Истанбул, Турција – некогашни историчари, артисти и по некој неостварен Казанова. Во филмот се зборува на турски, англиски, француски, ерменски, грчки и на курдски јазик, а приказните се на припадниците на малцинствата кои некогаш опстојувале во Турција. По распадот на Отоманската Империја и со создавањето на турската република во 1923 година, тие полека се иселувале.
Галеријата на ликови во истанбулскиот дом за стари лица е составен од една госпоѓа која има свое мислење за геноцидот врз Ерменците, пијанист кој изведува композиција пред да ја исповеда својата љубов, слеп фотограф кој ги заслепува присутните со блицот од камерата…
Разиграната структура на документарецот на Мизрахи се обидува да ги фати хипнотизирачките ритми на штитениците на домот во нивната состојба на неизвесност. Надвор од домот, пак, силната градежна машинерија повторно и повторно ја трансформира земјата.
ДАЛЕЧНО СОЅВЕЗДИЕ е добитник на десетина награди и признанија на светските филмски фестивали во Локарно (Швајцарија), Виена (Австрија), Жеонжу (Кина), Севилја (Шпанија), Призрен (Косово), Ереван (Ерменија), Лондон (Англија)…
Влијателните филмски критичари имаа пофалби за филмот. „ДАЛЕЧНО СОЅВЕЗДИЕ е едно од најголемите достигнувања во филмската документаристика последниве години… Сентиментално, духовито и визуелно деликатно“ (Indiewire). „Блескава студија за стареењето и сеќавањето“ (Financial Times). „Духовито, полно со изненадувања, трогателно… Слично на сон, невообичаена топла, комплексна и просветлувачка фотографија. Филм на месецот…“ (Sight&Sound). „Интригантна, трогателна и изненадувачки привлечна приказна. Мизрахи достојно го пренесува впечатокот за проблемот на минливоста на човековиот живот… Потсетува на Семјуел Бекет“ (The Times).
Возрасна категорија: Сите возрасти
Влезница: 100 денари

ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН РОМСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ „ЗЛАТНО ТРКАЛО“
ВТОРНИК (2 АПРИЛ), 12:00 ч

МЕСЕЦ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ
2 АПРИЛ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
ТЕГЛА ПОЛНА ЖИВОТ

(Vielmachglas /A Jar Full of Life)
Игран филм, Германија
2018, 95 мин., колор, ДСП
Режија: Флоријан Рос (Florian Ross)
Улоги: Марк Бенјамин, Илка Бесин, Адам Бусдукос (Marc Benjamin, Ilka Bessin, Adam Bousdoukos)
Марлен е млада жена чијшто живот сѐ уште не почнал со полн интензитет. Таа е на рана дваесетгодишна возраст, а сѐ уште живее со родителите и нема никакви цели и аспирации во животот. Марлен е заглавена во монотонијата на секојдневието од којашто не гледа излез. Дури и нејзиниот сакан постар брат не може да ја спаси од нешто што ѝ личи на вечна криза.
Кога ќе ја освести една лична трагедија, Марлен тргнува во авантура за којашто очигледно не е подготвена: еден брод ја чека во пристаништето во Хамбург за да ја однесе до Антарктикот. Но, како ли ќе стигне дотаму само со осум евра в џеб?
Тоа е почетокот на едно епско патување, кое е исто толку духовито колку и емотивно…
Возрасна категорија: 10 години
Влезница: 100 денари

ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН РОМСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ „ЗЛАТНО ТРКАЛО“
2 АПРИЛ (ВТОРНИК), 12:00 ч.

МЕСЕЦ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ
2 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
ВЕРНОСТ

(Le Fidele / Racer and the Jailbird)
Игран филм, Белгија / Франција / Холандија
2018, 130 мин., колор, ДСП
Режија: Михаел Роскам (Michaël R. Roskam)
Сценарио: Томас Бидеген, Ное Дебре, Михаел Роскам (Thomas Bidegain, Noé Debré, Michaël R. Roskam)
Улоги: Матијас Шоненаертс, Адел Егзархопулос, Ерик де Штарке (Matthias Schoenaerts, Adèle Exarchopoulos, Eric De Staercke)
Приказна за трагичната љубов меѓу Жижи, висококотирачки гангстер, и Биби, една млада девојка – возач на тркачки автомобили, која му припаѓа на високиот сталеж, раскажана во заднината на бруталното владеење на бандите во Брисел.
Но, Жижи крие една тајна. Таа тајна може да го загрози животот на луѓето околу него. Затоа Жижи и Биби мора да се борат против судбината, разумот и сопствените слабости за да ја спасат својата љубов.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН РОМСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ „ЗЛАТНО ТРКАЛО“
3 АПРИЛ (СРЕДА), 12:00 ч.

СЦЕНАРИСТИЧКА ЛАБОРАТОРИЈА СО ДИМИТАР БАНОВ
3 АПРИЛ (СРЕДА), 19:00 ч.
СЕКС, ЛАГИ И ВИДЕОЛЕНТИ

(Sex, Lies and Videotapes)
Игран филм, САД
1989, 100 мин., колор, 35 мм
Режија: Стивен Содерберг (Steven Soderbergh)
Сценарио: Стивен Содерберг (Steven Soderbergh)
Улоги: Џејмс Спајдер, Енди Мекдауел, Питер Галагер (James Spader, Andie MacDowell, Peter Gallagher)
Ен е мажена за Џон, кој ја изневерува со нејзината сестра Синтија. Ен го запознава срамежливиот Греам, поранешен пријател на Џон, и му помага да најде нов стан. Греам не води сексуален живот, а како замена ги снима жените со видеокамера кои зборуваат за нивната сексуалност. Кога и Синтија ќе прифати интервју со Греам, Ен ќе се налути, а нејзината лутина ќе се зголеми кога ќе дознае дека Синтија мастурбирала за време на снимањето.
Ен го прашува сопругот дали ја изневерува, Џон негира, но Ен ја открива обетката на Синтија во нејзиниот стан. Затоа оди кај Греам и му се нуди да ја снима, а потоа му кажува и на Џон. Гневниот Џон оди кај Греам, го тепа, и ја гледа видеоснимката на која Ен зборува за својот сексуален живот со забелешка дека практично и го нема, иако е во брак, а потоа таа го интервјуира Греам. Ен бара развод и заминува кај Греам…
Дебитанскиот филм на Содерберг освои „Златна палма“ во Кан во 1989 и беше омилен филм на критичарите. СЕКС, ЛАГИ И ВИДЕОЛЕНТИ се смета за предводник на новиот бран независни филмови во американската кинематографија…

Секоја среда со почеток од 19 часот, Кинотеката со задоволство ве поканува на нашиот нов и уникатен проект – СЦЕНАРИСТИЧКА ЛАБОРАТОРИЈА. Преку детална анализа на драмската структура на 12 филмски класици, нашите гости – учесници ќе добијат можност одблиску да се запознаат со сите „скриени тајни“ – елементи, алатки и техники на сценаристичкиот занает.
Од премиса, експозиција, главна тензија, кулминација, резолуција, 3 чина, конфликт, протагонист и цел, па сè до перипетии, засадување и исплата, драмска иронија, создавање тензија, активност наспроти акција, рекламирање на иднината и итн. се само дел од драматуршките инструменти кои ќе бидат честа тема на овој интерактивен настан.

ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН РОМСКИ ФИЛМСКИ ФЕСТИВАЛ „ЗЛАТНО ТРКАЛО“
4 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА (5 – 10 АПРИЛ)
ПЕТОК (5 АПРИЛ), 18:00 ч.
ФЛАМЕНКО, ФЛАМЕНКО

(Flamenco, Flamenco)
Документарен филм, Шпанија
2010, 97 мин., колор, блуреј
Режија: Карлос Саура (Carlos Saura)
Сценарио: Карлос Саура (Carlos Saura)
Улоги: Пако де Лусиа, Сара Барас, Хозе Мигуел Кармона, Монтсе Кортес, Мигуел Поведа (Paco de Lucía, Sara Baras, José Miguel Carmona, Montse Cortés, Miguel Poveda)

Режиран од легендарниот шпански режисер Карлос Саура, ФЛАМЕНКО, ФЛАМЕНКО е еволутивно музичко патување низ светлината, песната и танцот на динамичната и жива уметничка форма. Филмот прикажува концентрирана доза на врвни изведувачи на фламенкото, ветерани и помлади танчери, пејачи и музичари, како Сара Барас, Марија Бала, Пако де Лусиа, Мигуел Поведа…
Додека во претходниот документарец посветен на фламенкото – ФЛАМЕНКО (Flamenco, 1995) – Карлос Саура се занимава со историските корени и еклектичната позадина на овој музичко-танчерски стил, ФЛАМЕНКО, ФЛАМЕНКО го третира како чиста уметничка форма и естетско доживување за публиката, комбинирајќи инсерти инспирирани од ремек-делата на Пикасо, Гоја и Густав Климт со строго контролирани движења на камерата, за да се нагласи виртуозната изведба на фламенко точките на танчерските и музичките легенди.
Прекрасната фотографија во филмот е на Виторио Стораро, оскаровецот кој гостуваше и на ИФФК „Браќа Манаки“ и доби награда за животно дело, кој по вторпат соработува со Саура на темата фламенко. Камерата на Стораро во буквален смисол претставува мастерклас за употребата на бојата и светлото во креирањето нарација без зборови…
Возрасна категорија: За сите возрасти
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА
5 АПРИЛ (ПЕТОК), 20:00 ч.
ПЛАСИДО

(Plácido)
Игран филм, Шпанија
1961, 85 мин., колор, блуреј
Режија: Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga)
Colina, José Luis Font, etc.)
Улоги: Касен, Хозе Луис Лопес Васкез, Елвира Квинтиља, Мануел Александре, Марио Бустос (Cassen, José Luis López Vázquez , Elvira Quintillá, Manuel Alexandre, Mario Bustos)

Пласидо е сиромашен возач на камиони во едно мало шпанско гратче. Тој се обидува да заработи доволно за да ги исплати сите рати за купениот камион за да не му биде одземен. Неговото семејство не може да си дозволи ниту дом, немаат пари за кирија, и на Пласидо му се чини оти им нема крај на маките и сиромаштијата. Но, за време на божиќните празници, богатите госпоѓи во гратчето ќе решат својата „христијанска“ побожност да ја докажат со тоа што ќе поканат бездомни и сиромашни сограѓани на своите раскошни празнични трпези. Така и Пласидо ќе се најде во друштво на едно богато семејство, но како што одминува ноќта, тој ќе почне да ги преиспитува своите ставови кон парите и богатството што толку го посакува. Не е сè онака како што очекувал.
Возрасна категорија: 13 години
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА
6 АПРИЛ (САБОТА), 18:00 ч.
СИМОН СТОЛПНИКОТ

(Simon del desierto / Simon of the Desert)
Игран филм, Мексико
1965, 45 мин., црно-бел, блуреј
Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)
Сценарио: Хулио Алехандро, Луис Буњуел (Julio Alejandro, Luis Buñuel)
Улоги: Клаудио Брук, Силвија Пинал, Хортенсија Сантовења, Луис Ачевес Кастањеда, Енрике Алварез Феликс (Claudio Brook, Silvia Pinal, Hortensia Santoveña, Luis Aceves Castañeda, Enrique Álvarez Félix)
Дејствието на филмот е сместено во петтиот век од нашата ера. Аскетот Симон е длабоко религиозен христијанин и во желбата да им се спротивстави на овоземските искушенија и да биде поблиску до Бога, се решава на саможртвување – живее на еден столб сред пустина. Негови следбеници се селаните и патниците намерници кои веруваат дека Симон е светец способен да прави чуда и ги слушаат неговите беседи.
Искушенијата на кои го подложува сатаната, кој е во женски облик (Пинал), секогаш се во различна форма. Некогаш како убава жена што го заведува, некогаш како свештеник, некогаш дури и како Исус Христос, но Симон секогаш ги согледува намерите на сатаната. На крајот, сатаната го води во еден дискоклуб во Њујорк, САД, во шеесеттите години на минатиот век…
Откако Буњуел се вратил во Шпанија во 1961 и ја режирал ВИРИДИЈАНА, филмот ги скандализирал Ватикан и шпанската влада, па Буњуел морал повторно да се врати во егзил во Мексико. Таму го режира АНГЕЛОТ ИСТРЕБУВАЧ во 1962. Овие филмови, заедно со СИМОН СТОЛПНИКОТ, ја сочинуваат неговата критичка трилогија за религијата.
Мексиканската актерка Пинал во една пригода објасни зошто СИМОН СТОЛПНИКОТ е среднометражен филм. Првичната идеја била да се сними омнибус-филм што ќе го режираат тројца автори: замислата на продуцентот Густаво Алатристе (сопругот на Пинал) била, покрај Буњуел, по една приказна да режираат Федерико Фелини и Жил Дасен. Фелини поставил услов женската улога во неговиот дел да ја игра неговата сопруга Џулиета Масина, а Дасен како главна актерка во неговиот дел ја гледал исклучиво Мелина Меркури, неговата сопруга. Тогаш и Алатристе се заинатил тој да го режира мексиканскиот дел со Пинал, што го предизвикало нивниот развод. Иако Пинал го повредила Алатристе, нејзиниот став бил категоричен – тој не може да режира кога веќе тука е Буњуел!
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА
6 АПРИЛ (САБОТА), 19:00 ч.
ЏЕЛАТ

(El verdugo / The Executioner)
Игран филм, Шпанија / Италија
1963, 90 мин., колор, блуреј
Режија: Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga)
Сценарио: Рафаел Аскона, Луис Гарсија Берланга (Rafael Azcona, Luis García Berlanga)
Улоги: Нино Манфреди, Ема Пенеља, Хозе Исберт, Хозе Луис Лопез Васкез, Анхел Алварез (Nino Manfredi, Emma Penella, José Isbert, José Luis López Vázquez, Ángel Álvarez)
Стариот Амадео треба да се пензионира. Неговата професија не е многу „популарна“ – тој е џелат – и тешко му е да најде наследник. Тоа многу го загрижува, бидејќи, иако по природа е тивок и повлечен човек, сепак не сака, по него, некој некомпетентен да ја преземе таа толку деликатна работа. Неговата ќерка, исто така, има проблем поради професијата на татка си, не може да си најде момче, зашто никој не сака да му биде зет на градскиот џелат. Младиот Хозе има сличен проблем. Тој е гробар, добро заработува, но ниту една девојка не го сака поради професијата. Освен Кармен, ќерката на џелатот.
Според Амадео, неговата ќерка и гробарот би биле одлична двојка. Но, треба да најде начин да го натера младиот кандидат за зет да ја продолжи неговата професија. Дали сите тројца ќе го добијат тоа што го сакаат?
Филмот ја доби наградата ФИПРЕСЦИ на Филмскиот фестивал во Венеција во 1963, а беше и еден од главните кандидати за наградата „Златен лав“.
Возрасна категорија: 15 години
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА
6 АПРИЛ (САБОТА), 20:30 ч.
ТОЈ МРАЧЕН ПРЕДМЕТ НА ЖЕЛБАТА

(Cet obscur objet du desir / That Obscure Object of Desire)
Игран филм, Франција / Шпанија
1977, 102 мин., колор, 35 мм
Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)
Сценарио: Луис Буњуел, Жан-Клод Кариер (Luis Buñuel, Jean-Claude Carrière)
Улоги: Фернандо Реј, Карол Буке, Анхела Молина, Жилиен Берто, Андре Вебер (Fernando Rey, Carole Bouquet, Ángela Molina, Julien Bertheau, André Weber)
ТОЈ МРАЧЕН ПРЕДМЕТ НА ЖЕЛБАТА е последен филм на Буњуел. Неговата сторија се случува во Шпанија и во Франција и зборува за еротскиот однос меѓу Матје (Реј) и Кончита, а во заднина се терористичките напади во Европа во текот на 70-тите години од минатиот век. Матје е богат средовечен Французин, а Кончита е неговата поранешна деветнаесетгодишна собарка, нивниот однос е емоционална игра на мачка и глушец.
Улогата на Кончита ја толкуваат две актерки (Буке и Молина). Почетокот на нивната релација ја раскажува Матје за време на едно патување. Откако ќе се качи на возот и ќе се смести во вагонот, Матје, на изненадување на сите присутни, ќе истури кофа со вода врз младата девојка која стои на перонот на железничката станица. Прикажана низ флешбекови, сторијата на Буњуел раскажува како Матје станува опседнат од Кончита дотолку што и не забележува дека нејзиниот лик го играат две актерки, сосем различни според изгледот, што ги претставуваат различните страни на нејзината личност. Кончита постојано го предизвикува Матје и ја разгорува еротската страст кај него, но никогаш не му дозволува да ја задоволи неговата желба за неа…
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА
7 АПРИЛ (НЕДЕЛА), 18:00 ч.
БИКЧЕТО

(La vaquilla / The Heifer)
Игран филм, Шпанија
1985, 122 мин., колор, блуреј
Режија: Луис Гарсија Берланга (Luis García Berlanga)
Сценарио: Рафаел Аскона, Луис Гарсија Берланга (Rafael Azcona, Luis García Berlanga)
Улоги: Алфредо Ланда, Гиљермо Монтезинос, Сантијаго Рамос, Хозе Сакристан, Карлес Велат (Alfredo Landa, Guillermo Montesinos, Santiago Ramos, José Sacristán, Carles Velat)

За време на Шпанската граѓанска војна, на фронтот на Арагон, една група републикански војници ќе се прикраде до селото во кое се сместени „франковистите.“ Имаат за цел да украдат вол за да ги прехранат своите соборци. Во селото се празнува селската слава и републиканците влегуваат облечени во униформи на своите непријатели, сметајќи дека во сета таа врева и врвулица од луѓе, ќе останат незабележани. Меѓутоа, нивнот план паѓа во вода кога ќе бидат вмешани во трка со бикови низ селото, потоа и во верска процесија. Да биде белјата поголема, бикчето што сакаат да го украдат ќе биде дел од локалната корида, но ќе успее да прескокне преку оградата и ќе избега надвор од селото, кон ридовите. Сега петтемина натрапници се „заробени“ во селото, во лажни униформи, а треба да смислат план за бегство назад, во шумата, пред да бидат откриени од непријателот.
Возрасна категорија: 15 години
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА
7 АПРИЛ (НЕДЕЛА), 20:30 ч.
ТРИСТАНА

(Tristana)
Игран филм, Шпанија / Франција / Италија
1970, 99 мин., колор, блуреј
Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)
Сценарио: Хулио Алехандро, Луис Буњуел (Julio Alejandro, Luis Buñuel)
Улоги: Катрин Денев, Фернандо Реј, Франко Неро (Catherine Deneuve, Fernando Rey, Franco Nero)
По смртта на мајка ѝ, младата Тристана (Денев) останува сираче. Ја посвојува дон Лопе (Реј), угледен средовечен интелектуалец и атеист. Дон Лопе најпрвин ја третира Тристана како сопствена ќерка, но набргу да ја доживува како жена и почнува да ја освојува како маж. Со текот на времето Тристана созрева и посакува да има сопствен избор на слободно одлучување. Се вљубува во младиот уметник Хорацио (Неро) и си заминува со него. По извесно време Тристана тешко се разболува и останува без нога. Се враќа кај нејзиниот аристократски заштитник дон Лопе, но нивниот однос сега е променет…
ТРИСТАНА бил прикажан на Канскиот фестивал и номиниран за Оскар во категоријата најдобар странски филм во 1970 година. Контроверзниот Буњуел во таа пригода изјавил дека не би бил повеќе морално згаден освен во случај да го добие Оскарот…
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА
8 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
АНГЕЛ ИСТРЕБУВАЧ

(El Angel Exterminador / The Exterminating Angel)
Игран филм, Мексико
1962, 95 мин., црно-бел, 35 мм
Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)
Сценарио: Луис Буњуел, Луис Алкориза (Luis Buñuel, Luis Alcoriza)
Улоги: Силвија Пинал, Жаклине Андер, Енрике Рамбал (Silvia Pinal, Jacqueline Andere, Enrique Rambal)
Филмот започнува со доаѓањето на неколкумина гости, припадници на високата класа, на вечера. Сите се свечено облечени и убаво се забавуваат. По вечерата седнуваат во салонот, и тогаш забележуваат дека сите слуги исчезнале од куќата. Аристократите сфаќаат дека од некоја непозната и чудна причина физички не се способни да го напуштат салонот иако се отворени сите врати и прозорци…
Гостите остануваат во салонот со денови, а сите нивни лични позиции што ги имаат изградено врз основа на положбата во општеството почнуваат да се распаѓаат, и започнува нивната борба за живот на анимално ниво.
АНГЕЛ ИСТРЕБУВАЧ е горчлива сатира на Буњуел за високата класа, во која тој ја прикажува постапната дегенерација на група отмени луѓе од аристократи до дивјаци со животинско однесување. Критичарите повлекуваат паралела меѓу АНГЕЛ ИСТРЕБУВАЧ и ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА на ниво на драмскиот заплет како алегорија: како што во АНГЕЛ ИСТРЕБУВАЧ гостите не можат да ја напуштат собата, така гостите во ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА никако не можат да ја остварат планираната вечера. Од друга страна, критичарите во сатиричната алегорија на Буњуел ја „читаат“ и неговата интерпретација на фашистичкиот режим на Франко во Шпанија, сметајќи ги гостите на вечерата како симбол на владејачката класа во тој период и нивната лакомост која ќе ги „изеде“ самите нив.
АНГЕЛ ИСТРЕБУВАЧ ја доби наградата на критиката и на Асоцијацијата на сценаристите на фестивалот во Кан во 1962 година.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА
8 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
ТАНГО

(Tango)
Игран филм, Шпанија / Аргентина
1998, 115 мин., колор, 35 мм
Режија: Карлос Саура (Carlos Saura)
Сценарио: Карлос Саура (Carlos Saura)
Улоги: Мигел Анхел Сола, Сесилија Нарова, Миа Маестро, Енрике Пинти, Хуан Карлос Копес (Miguel Ángel Solá, Cecilia Narova, Mía Maestro, Enrique Pinti, Juan Carlos Copes)

Режисерот Марио Суарез се обидува да направи филм за тангото. Осамен, откако го напуштила сопругата, тој бара болни и брутални теми од минатото на Аргентина, а истовремено на своите музичари и танчари им дава слобода на изразување која е неопходна за да се задоволат вкусовите и очекувањата на аргентинската публика.
Ситуацијата уште повеќе ќе се вжешти кога режисерот ќе се вљуби во главната танчарка Елена, инаку девојка на моќниот гангстер Ларока, кој е и главниот финансиер на филмот.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА
9 АПРИЛ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
ВИРИДИЈАНА

(Viridiana)
Игран филм, Шпанија / Мексико
1961, 90 мин., црно-бел. блуреј
Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)
Сценарио: Хулио Алехандро, Луис Буњуел (Julio Alejandro, Luis Buñuel)
Улоги: Силвија Пинал, Франциско Рабал, Фернандо Реј, Хосе Калво, Маргатира Лозано (Silvia Pinal, Francisco Rabal, Fernando Rey, José Calvo, Margarita Lozano)
Виридијана (Пинал) е милосрдна сестра – искушеничка пред полагањето на конечниот завет. Главната милосрдна сестра ја тера Виридијана да го посети нејзиниот вујко, дон Хаим (Реј), кој ѝ бил старател пред да дојде во манастирот.
Виридијана многу личи на покојната сопруга на Хаим, се вљубува во неа и на различни начини се обидува да ја наговори да остане да живее покрај него на имотот. Последната ноќ пред да си замине, Виридијана се сложува да го облече невестинскиот фустан на сопругата на дон Хаим. Ќерката на дон Хаим ѝ кажува на Виридијана дека татко ѝ сака да ја побара. Виридијана е вџашена од таа идеја и сака да си замине, но ќерката ѝ става дрога во пијалакот. Дон Хаим ја носи во спалната соба и сака да ја силува, но се премислува во последен момент.
Следното утро дон Хаим ѝ вели на Виридијана дека ѝ ја одзел невиноста и оти не може обесчестена да се врати во манастирот. Виридијана сепак заминува, но полицајците ја спречуваат да се качи на автобус, ја враќаат на имотот бидејќи вујко ѝ се обесил.
Дон Хаим ѝ оставил половина од големиот имот на Виридијана, и таа решава да остане. Обидувајќи се да го ублажи чувството на вина, Виридијана како неформална калуѓерка создава рај за сиромашните луѓе кои живеат околу имотот на нејзиниот вујко. Но, малку добро доаѓа од нејзините добри намери…
ВИРИДИЈАНА е првиот филм на Луис Буњуел снимен во Шпанија по прогонот што траел 25 години. Филмот ја доби „Златната палма“ во Кан во 1961 година.
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА
9 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
ГОЈА ВО БОРДО

(Goya en Burdeos)
Игран филм, Шпанија / Италија
1999, 107 мин., колор, 35 мм
Режија: Карлос Саура (Carlos Saura)
Сценарио: Карлос Саура, Луиџи Скатини (Carlos Saura, Luigi Scattini)
Улоги: Франсиско Рабал, Хосе Коронадо, Марибел Верду, Еулалија Рамон, Дафне Фернандез (Francisco Rabal, José Coronado, Maribel Verdú, Eulalia Ramón, Dafne Fernández)

Франциско Гоја, глув и болен, ги живее последните години во Бордо, со сопругата Леокадија и ќерката Росарио. Живее во доброволен егзил, протестирајќи против репресивното владеење на кралот Фердинанд VII во Шпанија.
Слика навечер и, некаде помеѓу долгите разговори со ќерката и неподносливите главоболки, во мислите се навраќа на клучните моменти во својот живот, особено на врската со војвотката од Алба, на моментот на спознанието кога открива во кој правец сака да слика, инспириран од делата на Веласкез…
Возрасна категорија: 14 години
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА
10 АПРИЛ (СРЕДА), 18:00 ч.
ДИСКРЕТНИОТ ШАРМ НА БУРЖОАЗИЈАТА
(Le charme discret de la bourgeoisie / The Discreet Charm of the Bourgeoisie)
Игран филм, Франција
1972, 102 мин., колор, 35 мм
Режија: Луис Буњуел (Luis Buñuel)
Сценарио: Луис Буњуел, Жан-Клод Кариер (Luis Buñuel, Jean-Claude Carrière)
Улоги: Фернандо Реј, Делфин Сејриг, Пол Франкер, Стефани Одран, Жан-Пјер Касел, Милена Вукотиќ (Fernando Rey, Delphine Seyrig, Paul Frankeur, Stéphane Audran, Jean-Pierre Cassel, Milena Vukotic)
Дејствието на филмот се врти околу кошмарите на неколку пријатели кои постојано се обидуваат да се сретнат на заедничка вечера. Дон Рафаел Акоста (Реј) е амбасадор на измислената јужноамериканска држава Миранда, кој шверцува кокаин што им го продава на своите пријатели Тевено (Франкер) и Сенешал (Касел). Кога амбасадорот и неговите пријатели пристигнуваат во домот на Сенешал, дознаваат дека се работи за недоразбирање, зашто вечерата била закажана за утредента.
Тие ја земаат со себе сопругата на Сенешал, Али (Одран), и одат во ресторан во кој штотуку умрел сопственикот, па пропаѓа нивниот обид да вечераат. Следниот пат, кога друштвото повторно доаѓа во домот на Сенешал, домаќините бегаат низ прозорец за да водат љубов во градината. Гостите си заминуваат, а во нивната куќа пристигнува бискупот Дуфур, кого го вработуваат како градинар. При следната заедничка вечера, во домот на Сенешал упаѓа група војници кои се наоѓаат на воена вежба, а полковникот ги поканува присутните на вечера кај него.
Кога друштвото пристигнува во домот на полковникот, гледаат дека се наоѓаат на театарска сцена, а публиката ги исвиркува. Сепак, тоа е само сонот на Анри Сенешал. Потоа, за време на вечерата кај полковникот, домаќинот го навредува амбасадорот, кој вади пиштол и го убива, но тоа е само сонот на Тевено. Во меѓувреме, бискупот оди кај еден сиромашен човек кој е на умирање и таму дознава дека тој е градинарот кој ги отрул неговите родители. Притоа, бискупот зема пушка и го убива човекот. За време на следната вечера кај семејството Сенешал влегува полицијата, ги апси сите присутни и така тие завршуваат в затвор. Сепак, по интервенција на министерот, нив ги ослободуваат. Најпосле, при последната заедничка вечера, во куќата влегуваат терористи кои ги убиваат присутните. Сега, пак, тоа е само сонот на амбасадорот…
Во 1973 година филмот ја добил наградата Оскар за најдобар странски филм, а следната година и две награди на БАФТА.
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ КЛАСИК – ФОКУС НА РЕЖИСЕРИТЕ БУЊУЕЛ, САУРА И БЕРЛАНГА
10 АПРИЛ (СРЕДА), 20:00 ч.
ЗМИЈА В ПАЗУВИ

(Cría Cuervos / Cria!)
Игран филм, Шпанија
1976, 105 мин., колор, блуреј
Режија: Карлос Саура (Carlos Saura)
Сценарио: Карлос Саура (Carlos Saura)
Улоги: Џералдина Чаплин, Моника Рандал, Флоринда Чико, Хектор Алтерио (Geraldine Chaplin, Mónica Randall, Florinda Chico, Ana Torrent, Héctor Alterio)

Во последните години на Франковата диктатура, сестрите Ана, Ирене и Маите, сега сирачиња, мора да живеат со строгата тетка Паулина, неподвижната баба и грижливата слугинка Роса. Ана е убедена дека самата е виновна за смртта на својот татко, воен офицер, кој, пак, исто така, според верувањето на Ана, е виновен за прераната смрт на нивната мајка. Во темната куќа во која сега живеат, Ана се обидува да ги совлада болката од загубата и чувството на вина. Во повеќе моменти, кога почнува да ги меша фантазијата и спомените и да ги доживува како реалност, таа има „средба“ со дух. Таа комуникација, која Ана не може да ја дефинира, е спасоносната сламка за која се фаќа за да излезе од комплицираното и тешко детство.
Филмот е добитник на Гран при на Канскиот фестивал во 1976 година.
Возрасна категорија: 15 години
Влезница: 50 денари

11 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.
СОБА ЗА БЕГСТВО

(Escape Room)
Игран филм, САД / Канада
2019, 99 мин., колор, ДСП
Режија: Адам Робител (Adam Robitel)
Сценарио: Браги Ф. Шат, Марија Мелник (Bragi F. Schut, Maria Melnik)
Улоги: Дебора Ен Волф, Тајлер Лејбин, Тејлор Расел (Deborah Ann Woll, Tyler Labine, Taylor Russell)
СОБА ЗА БЕГСТВО е психолошки хорор-трилер за 6 странци кои се наоѓаат во опкружување кое е надвор од нивна контрола. Тие мора да користат досетки за да ги решат загатките што им се поставени или, во спротивно, ќе умрат…
Во Чикаго, Илиноис, шестмина ентузијасти на опасната игра „Соба за бегство“ добиваат шанса да освојат 10000 долари. Тие се собираат во чекалницата на објектот и се затворени внатре, откривајќи дека играта веќе започнала. Во потрага по индиции, тие ненамерно ги активираат замрзнувачите: како што се интензивира топлината, сите бегаат додека собата е зафатена со пламен.
Следуваат уште неколку фази. Во една треба да ја отклучат вратата на зимската кабина којашто има комбинација од седум букви. Како во видеоигрите, секоја соба е едно ниво што треба да го поминат. Но, во СОБА ЗА БЕГСТВО на секое ниво некој од играчите го губи животот. Кој ќе преживее?
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 100 денари

ФИЛМ ПО ИЗБОР НА ИНСТИТУТОТ „ГЕТЕ“
11 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК) 20:00 ч.
ТАМУ И ОНАМУ

(Hin und weg / Tour de Force)
Игран филм, Германија
2014, 95 мин., колор, ДСП
Режија: Кристијан Циберт (Christian Zübert)
Сценарио: Ариане Шредер, Кристијан Циберт (Ariane Schröder, Christian Zübert)
Улоги: Флоријан Давид Фиц, Јулија Кошиц, Јирген Вогел (Florian David Fitz, Julia Koschitz, Jürgen Vogel)

Пријателите на Ханес (Фиц) немаат идеја зошто тој ја избрал Белгија како дестинација за нивната годишна велосипедска тура. Кога по пат ја дознаваат вистината, реагираат шокирани: Ханес страда од неизлечлива нервна болест АЛС и сака да го спречи болното распаѓање на неговото тело.
Целта на последната велосипедска тура за Ханес е патување во потрага по „помошникот за смрт“ во Остенде. По првиот шок, групата се собира за повторно да го прослави животот, како никогаш дотогаш, со својот крајно болен пријател и неговата сопруга – до неизбежниот крај. Низ потегот на Ханес сознаваат колку е скапоцен животот. Поддржан од одлични актери, режисерот, наместо мелодрама, успева да реализира трагикомичен филм.
Возрасна категорија: 12 години

12 АПРИЛ (ПЕТОК), 18:00 ч.
ОГЛЕДАЛО

(Looking Glass)
Игран филм, САД / Канада
2018, 103 мин., колор, ДСП
Режија: Тим Хантер (Tim Hunter)
Сценарио: Џери Рап, Метју Вајлдер (Jerry Rapp, Matthew Wilder)
Улоги: Николас Кејџ, Робин Тјуни, Марк Блукас (Nicolas Cage, Robin Tunney, Marc Blucas)
Брачен пар купува стар мотел во пустината, во потрага по нов почеток во животот. Но, тоа што отпрвин се чини како совршено бегство набргу се претвора во возбудлива авантура низ таинствен свет.
Реј (Николас Кејџ) открива двострано огледало и случајно станува сведок на убиство. Во превртлива игра Реј ќе мора да се избори да се заштити себеси и својата сопруга од мрачните тајни поврзани со мотелот и чудните луѓе што го посетуваат.
ОГЛЕДАЛО е психолошки трилер фокусиран на сексуалните страсти, со напната драматуршка „игра на мачка и глушец“. Кој ќе биде победникот во таа игра?
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

ФИЛМ ПО ИЗБОР НА ФРАНЦУСКИ ИНСТИТУТ
Со воведен говор на Емануел Рембер, директор на Францускиот институт
12 АПРИЛ (ПЕТОК), 20:00 ч.
ЖИЛ И ЏИМ

(Jules еt Jim)
Игран филм, Франција
1962, 95 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Франсоа Трифо (François Truffaut)
Сценарио: Анри-Пјер Роше, Франсоа Трифо (Henri-Pierre Roché, François Truffaut)
Улоги: Жана Моро, Оскар Вернер, Анри Сер (Jeanne Moreau, Oskar Werner, Henri Serre)
ЖИЛ И ЏИМ е адаптација на полуавтобиографскиот роман на Анри-Пјер Роше, но тој ракопис дури со адаптацијата на Франсоа Трифо, великанот на францускиот „нов бран“, станува величествено дело. Не случајно ЖИЛ И ЏИМ, покрај 400 УДАРИ, важи за најдобриот филм на Трифо, со Жана Моро во улогата на фаталната жена како централна фигура во ова ремек-дело.
Култниот филм на „новиот бран“ говори за љубовта и пријателството меѓу двајца пријатели и една импулсивна жена. Нивниот заеднички однос е без конфликти, со постојано преиспитување на новиот морално-естетски код.
Во Париз пред Втората светска војна двајца пријатели, Австриецот Жил (Вернер) и Французинот Џим (Сер) се вљубуваат во иста жена – Катрин (Моро). Катрин го сака Жил и се мажи со него. Кога тројцата ќе се сретнат повторно во Германија по војната, Катрин го засакува Џим… Магичната и таинствена Катрин ги помирува двете спротивставени идеи за женственоста и таа е пример за модерната жена од 60-тите, со слободен дух и во постојана борба за еднаквост со мажите. Нејзините љубовници ги претвораат личните таленти во уметност, а Катрин од уметноста прави живот…
Контроверзниот термин од францускиот јазик ménage à trios (љубов во тројка) во поновата историја се врзува токму со филмот ЖИЛ И ЏИМ. Трите лика во филмот – Жана Моро, Оскар Вернер, Анри Сер – од денешен аспект некои ги гледаат како критика на движењето на слободната љубов од средината на 60-тите години од минатиот век.
Возрасна категорија: 15 години
Влезница: 50 денари

МЕСЕЦ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ
13 АПРИЛ (САБОТА), 20:00 ч.
КУЧКАР

(Dogman)
Игран филм, Италија/Франција
2018, 103 мин., колор, ДСП
Режија: Матео Гароне (Matteo Garrone)
Сценарио: Уго Чити, Матео Гароне (Ugo Chiti, Matteo Garrone)
Улоги: Марсело Фонте, Едоардо Пеше, Нунциа Шијано (Marcello Fonte, Edoardo Pesce, Nunzia Schiano)
Марсело е тивок и скромен грумер (фризер) на кучиња. Се сплеткува со Симон, поранешен насилен боксер, кој го тероризира целото соседство. Во нивниот однос, Марсело мора да покаже покорност кон Симон. Во обид да си го врати достоинството, Марсело ќе изврши неочекуван чин на одмазда.
Филмот е снимен според вистинска приказна за злосторството што ја потресе јавноста во Италија, кога 27-годишен грумер убил поранешен боксер кој физички го малтретирл.
Марсело Фонте за насловната улога во КУЧКАР минатата година ја доби „Златната палма“ за главна машка улога на фестивалот во Кан, а филмот беше италијански претставник за Оскар. Инаку, улогата на Марсело најпрвин му била понудена на славниот актер Роберто Бенињи, но тој ја одбил…
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 100 денари

БУФ – ДЕТСКИ ФЕСТИВАЛ ЗА СЛИКА И ФИЛМ
15 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 12:00 ч.
17 АПРИЛ (СРЕДА), 18:00 ч.
ЉУБОПИТНИОТ ТОБИ И ТАЈНАТА НА НАШАТА ПЛАНЕТА

(Checker Tobi und das Geheimnis unseres Planeten / Checker Tobi and the mystery of our planet)
Игран филм, Германија
2019, 86 мин., колор, ДСП
Режија: Мартин Тишнер (Martin Tischner)
Сценарио: Мартин Тишнер (Martin Tischner)
Улоги: Тобијас Крел, Даниела Јансен, Ина Клајц, Ули Кунц, Ула Ломан(Tobias Krell, Daniela Jansen, Ina Kleitz, Uli Kunz, Ulla Lohmann)

Љубопитниот Тоби се наоѓа на пат со пиратите кога во брановите открива мистериозна порака во шише. Во неа е скриена загатка. Но, за да се реши загатката, нему му треба тајната на нашата планета. Така започнува најголемото авантуристичко патување во неговиот живот: Тоби оди на работ на еден активен вулкан, во подводниот свет на Тихиот Океан, заедно со климатолозите оди на вечниот мраз и на крај, во индиската метропола Мумбај. Секако, тој добива помош од многуте пријатели-експерти низ целиот свет. Во писмото, исто така, Тоби наоѓа многу важни насоки.
Возрасна категорија: За сите возрасти
Влезница: 25 денари

БУФ – ДЕТСКИ ФЕСТИВАЛ ЗА СЛИКА И ФИЛМ
15 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 14:00 ч.
18 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 10:00 ч.
ВЕНДИ 2 – ДРУГАРСТВО ЗАСЕКОГАШ

(Wendy 2 – Freundschaft für immer / Wendy 2 – Friendship Forever)
Игран филм, Германија
2018, 97 мин., колор, ДСП
Режија: Хано Олдердисен (Hanno Olderdissen)
Сценарио: Каролине Хехт (Caroline Hecht)
Улоги: Јуле Херман, Кристијан Аларс, Јасмин Герат, Лоренцо Гермено, Јулиус Хоц (Jule Hermann, Christian Ahlers, Jasmin Gerаt, Lorenzo Germeno, Јulius Hotz)

Веќе една година Венди живее среќно заедно со своите родители на имотот за јавање коњи на нејзината баба. Но, тој e во опасност. Кога Венди дознава за младинскиот турнир, сака да учествува, а со парите што ќе ги добие како награда сака да го спаси поседот. Сепак, има еден проблем. На Венди ѝ е потребен соодветен коњ. Нејзиниот коњ Дикси не е подготвен да прескокнува пречки. Пени, спортскиот коњ, е истрауматизиран и најпрво мора да се лекува. Значи, Венди ќе мора истовремено да се грижи за Пени и да внимава Дикси да не стане љубоморен. Дали ќе успее во тоа?
Возрасна категорија: За сите возрасти
Влезница: 25 денари

МЕСЕЦ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ
15 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
АДЕМ

(Oxygen)
Игран филм, Белгија / Холандија
2010, 98 мин., колор, ДСП
Режија: Ханс ван Нуфел (Hans Van Nuffel)
Сценарио: Жан-Клод ван Ријкенгем, Ханс ван Нуфел (Jean-Claude Van Rijckeghem, Hans Van Nuffel)
Улоги: Стеф Аертс, Вутер Хендрикс, Мари Винк (Stef Aerts, Wouter Hendrickx, Marie Vinck)
Двајца мажи ги делат маките со неизлечливата болест. Дали нивната љубов кон жените е доволно силна за да го победат стравот од смртта во нивните животи? Том и неговиот брат Лукас се тинејџери кои страдаат од цистична фиброза, генетска болест која полека ги уништува белите дробови. Том се бори да се справи со сознанието за кратковечноста на неговиот живот и деновите ги минува денгубејќи со банда хулигани.
На еден од нивните исцрпувачки третмани во болницата, Том го запознава постариот Ксавиер кој боледува од истата болест, но се однесува како врвен спортист, и започнува нивното необично пријателство. Ксавиер е потврден оптимист, дури и кога го напуштила неговата девојка Анелен. Том е обземен од енергијата и радоста на животот на Ксавиер, а во болницата ја запознава чудната девојка Елин, која е во неколкумесечен карантин заради инфекција. Ним не им е дозволено да се допираат, туку можат да комуницираат само преку телефон. Сепак, Том и Елин започнуваат романса.
Лукас ќе почине по операцијата за трансплатација на органи, која ветувала закрепнување. Том е неутешен и бара прибежиште во дружбата со неговите груби пријатели, го избегнува Ксавиер, ја избегнува и ја раскинува врската со Елин. Но еден ден повторно се среќава со Ксавиер, кој му ја враќа желбата за исполнет живот.
АДЕМ беше лауреат на Филмскиот фестивал во Монтреал во 2011 година и на Европската награда за филмско откритие на годината.
Возрасна категорија: 12 години

МЕСЕЦ НА ЕВРОПСКИОТ ФИЛМ
15 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
16 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
СТУДЕНА ВОЈНА

(Zimna wojna / Cold War)
Игран филм, Полска / Велика Британија / Франција
2018, 90 мин., црно-бел, ДСП
Режија: Павел Павликовски (Pawel Pawlikowski)
Сценарио: Павел Павликовски, Јануш Гловацки (Pawel Pawlikowski, Janusz Glowacki)
Улоги: Јоана Кулиг, Томаш Кот, Борис Шиц (Joanna Kulig, Tomasz Kot, Borys Szyc)
Сторијата на филмот зборува за страсната љубовна приказна меѓу младата и амбициозна пејачка и танчарка Зула (Јоана Кулиг) и музичарот и диригент Виктор (Томаш Кот). Зула излегува од поправен дом и се јавува на аудицијата на новоформираното културно-уметничко друштво што ги негува традициите на полскиот фолклор веднаш по војната.
Зула и Виктор имаат различно социјално потекло, но започнуваат љубовна врска. Виктор сака да побегнат на Запад, поточно во Париз, но Зула веќе има некаква кариера на фолклорна ѕвезда, па не му се придружува веднаш. Откако ќе го стори тоа, но на легален начин, Зула сфаќа дека слободата не е таква каква што ја замислувале со Виктор, бидејќи тој е само обичен пијанист во еден париски бар, а Зула пејачка што снима плоча, но ја нема славата како во Полска.
Зула решава да се врати дома, а Виктор останува во Париз како политички емигрант, но ја користи секоја можност да ја види Зула на гостувањата на полскиот фолклорен ансамбл низ Европа. Воден од љубовта кон Зула, Виктор се враќа во Полска, но право в затвор, бидејќи бил емигрант. Зула е веќе мажена со директорот на ансамблот, непривлечен кариерист, има и дете со него, но љубовта кон Виктор не престанала да тлее…
СТУДЕНА ВОЈНА освои „Златна палма“ за режија во Кан минатата година и беше еден од најсериозните кандидати за Оскар, со дузина одлични критики низ целиот свет.

БУФ – ФЕСТИВАЛ НА ГЕРМАНСКИ ФИЛМОВИ ЗА ДЕЦА
16 АПРИЛ (ВТОРНИК), 12:00 ч.
18 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 14:00 ч.
ПОМОШ, ГИ СМАЛИВ РОДИТЕЛИТЕ

(Hilfe, ich hab meine Eltern geschrumpft / Help, I Shrunk my parents)
Игран филм, Германија
2018, 93 мин., колор, ДСП
Режија: Тим Трагесер (Tim Trageser)
Сценарио: Герит Херманс (Gerrit Hermans)
Улоги: Оскар Кејмер, Лина Хескер, Ања Кинг (Oskar Keymer, Lina Hüesker, Anja Kling)
На Феликс во меѓувреме му оди добро во гимназијата Ото Леонард, каде сè уште си подигрува духот на истоимениот основач на училиштето. Но за жал, на добриот дух му се придружува и злиот дух на некогашната директорка Хулда Боцкобрадовска. Но, и дома работите не се одвиваат како што треба: родителите на Феликс сакаат со него да се преселат во Дубаи, каде што татко му добива нова понуда за работа. Но Феликс посакува, неговите родители некогаш да го направат тоа. Како и претходно, неговата желба одеднаш се остварува, кога мама и тато се смалуваат при средба со воскреснатата Хулда.
Возрасна категорија: Сите возрасти
Влезница: 50 денари

БУФ – ДЕТСКИ ФЕСТИВАЛ ЗА СЛИКА И ФИЛМ
16 АПРИЛ (ВТОРНИК), 14:00 ч.
20 АПРИЛ (САБОТА), 12:00 ч.
ЏИМ КОПЧЕ И ЛУКАС МАШИНОВОЗАЧОТ

(Jim Knopf und Lukas der Lokomotivführer / Jim Button and the Luke the Engine Driver)
Игран филм, Германија
2018, 110 мин., колор, ДСП
Режија: Денис Ганзел (Dennis Gansel)
Сценарио: Дирк Анер, Ендру Биркин и други (Dirk Ahner, Andrew Birkin, et al..)
Улоги: Хенинг Баум, Соломон Гордон, Анете Фриер, Милан Пешл, Кристоф Марија Хербст (Henning Baum, Solomon Gordon, Annette Frier, Milan Peschel, Christoph Maria Herbst)

Некаде во далечното море се наоѓа островот Лумерланд, на кој живеат само четворица жители: Кралот Алфонс Петнаесет-до-Дванаесетти и неговите тројца поданици: машиновозачот Лукас, сопственичката на продавницата, госпоѓа Штооо и господин Ракав. Еден ден поштенскиот брод доставува мистериозен пакет: бебе! Кога Џим Копче, малото момче од пакетот, ќе порасне, островот станува премал за сите. Некој мора да си замине, заклучува кралот. Така, Џим, Лукас и Ема ја напуштаат својата татковина и започнуваат авантуристичко патување. Дали ќе успеат да најдат решение за да се вратат во Лумерланд?
Возрасна категорија: За сите возрасти
Влезница: 25 денари

БУФ – ДЕТСКИ ФЕСТИВАЛ ЗА СЛИКА И ФИЛМ
17 АПРИЛ (СРЕДА), 12:00 ч.
19 АПРИЛ (ПЕТОК), 12:00 ч.
20 АПРИЛ (САБОТА), 14:00 ч.
ТИМ ТАЛЕР ИЛИ МОМЧЕТО ШТО СИ ЈА ПРОДАДЕ НАСМЕВКАТА

(Timm Thaler oder Das verkaufte Lachen / The Legend of Timm Thaler or The Boy Who Sold His Laughter)
Игран филм, Германија
2017, 102 мин., колор, ДСП
Режија: Андреас Дрезен (Andreas Dresen)
Сценарио: Александер Адолф, според роман на Џејмс Крус (Alexander Adolph, James Krüss)
Улоги: Арвед Фризе, Јустус вон Донањи, Аксел Прал, Андреас Шмит, Јуле Херман (Arved Friese, Justus Von Dohnanyi, Axel Prahl, Andreas Schmidt, Jule Hermann)

Тим Талер е момче кое нема посебна причина да се смее. Сепак, тој често се смее, а со тоа ги заразува и сите околу себе. Дури и мистериозниот барон Ловаѓ (анаграм за „ѓавол“) е воодушевен од насмевките на младото момче. Затоа ќе му понуди една необична зделка: ако Тим му ја продаде својата насмевка, за возврат тој никогаш веќе нема да загуби облог. Тим се согласува, но наскоро ќе зажали за одлуката. Набрзо согледува дека без насмевката е многу несреќен и затоа по секоја цена сака да си го врати од баронот своето вистинско богатство. Иако ѓаволскиот договор не може да се поништи толку лесно, Тим не се предава.
Возрасна категорија: За сите возрасти
Влезница: 25 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ ВО КИНОТЕКА
Во периодот од 18 до 25 април во Кинотеката ќе се одржи дел од програмата на Скопје филм фестивал 2019.
СПЕЦИЈАЛНАТА ПРОГРАМА НА СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ Е ОМАЖОТ НА МЕТО ЈОВАНОВСКИ.
18 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 17:00 ч.
18 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 19:00 ч.
19 АПРИЛ (ПЕТОК), 17:00 ч.
19 АПРИЛ (ПЕТОК), 19:00 ч.
20 АПРИЛ (САБОТА), 17:00 ч.
20 АПРИЛ (САБОТА), 19:00 ч.
21 АПРИЛ (НЕДЕЛА), 17:00 ч.
21 АПРИЛ (НЕДЕЛА), 19:00 ч.
22 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 18:00 ч.
23 АПРИЛ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
24 АПРИЛ (СРЕДА), 18:00 ч.

ОМАЖ: МЕТО ЈОВАНОВСКИ
18 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 21:00 ч.
КОГА ЌЕ ОСАМНЕ ДЕНОТ

(Kad svane dan / When Day Breaks)
Игран филм, Србија
2012, 95 мин., колор, ДСП
Режија: Горан Паскаљевиќ (Goran Paskaljević)
Сценарио: Филип Давид, Горан Паскаљевиќ (Filip David, Goran Paskaljević)
Улоги: Мира Бањац, Мето Јовановски, Зафир Хаџиманов, Предраг Ејдус (Mustafa Nadarević, Mira Banjac, Meto Jovanovski, Zafir Hadžimanov, Predrag Ejdus)
Филмот е приказна за Миша Бранков (Надаревиќ), професор по музика во пензија, кој случајно го открива своето потекло. На местото во Белград, каде што некогаш бил нацистичкиот логор за Евреите во Втората светска војна, градежни работници наоѓаат лимена кутија со документи кои во 1941 година ги закопал затвореникот Исак Вајс. Професорот дознава дека неговите биолошки родители се Вајс, кои пред да бидат одведени во логорот го дале на чување на семејството Бранков. Во лимената кутија се наоѓаат и партитурите на недовршената музичка композиција што ја компонирал Исак Вајс.
Трагајќи по вистината за своето потекло, професорот Миша ја истражува и малку познатата вистина за логорот Сајмиште во кој биле сместени Евреите (Judenlager Semlin), еден од најстрашните нацистички собиралишта во средиштето на Белград. Една од опсесиите на Миша е и да ја доврши започнатата композиција на својот татко Исак и да ја изведе на местото на некогашниот логор. По низа перипетии, и успева во тоа…
КОГА ЌЕ ОСАМНЕ ДЕНОТ премиерно беше прикажан на Интернационалниот фестивал во Торонто, а беше и српски кандидат за Оскар во 2012.
Возрасна категорија: За сите возрасти
Влезница: 50 денари

ОМАЖ: МЕТО ЈОВАНОВСКИ
19 АПРИЛ (ПЕТОК), 21:00 ч.
ПРЕСУДАТА

(Съдилището / The Judgment)
Игран филм, Бугарија / Хрватска / Германија / Македонија
2014, 107 мин., колор, ДСП
Режија: Стефан Комендарев (Stephan Komandarev)
Сценарио: Стефан Комендарев, Марин Дамјанов (Stephan Komandarev, Marin Damyanov)
Улоги: Асен Блатечки, Ованес Торосјан, Ина Николова, Предраг Мики Манојловиќ, Мето Јовановски (Assen Blatechki, Ovanes Torosian, Ina Nikolova, Predrag ‘Miki’ Manojlovic, Meto Jovanovski)
Мито Петров (Блатечки) живее заедно со 18-годишниот син Васко (Торосјан) во сиромашен крај на тромеѓето меѓу Бугарија, Грција и Турција. Сопругата е почината, а Мито останал без работа во мандрата каде што се произведувало млеко, и без парите потребни да го отплаќа кредитот за куќата.
Очаен поради безизлезната економска ситуација, Мито ја прифаќа понудата на неговиот поранешен војнички командир, капетанот (Манојловиќ), да криумчари бегалци од Сирија преку границата кои ги транспортира во цистерната за млеко од поранешната фирма. Рутата за криумчарење минува покрај планинскиот превал наречен Пресудата, кој крие мрачни тајни од минатото на Мито. На тоа место во 1988 година, како војник, на заповед на капетанот, Мито застрелал момче и девојка од Источна Германија (тогаш сè уште во комунистичкиот Источен блок) кои сакале да пребегнат во Турција…
ПРЕСУДАТА го отвори Интернационалниот филмски фестивал во Софија во 2014, каде што победи, а освои и дузина други домашни и меѓународни награди.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 50 денари

ОМАЖ: МЕТО ЈОВАНОВСКИ
20 АПРИЛ (САБОТА), 21:00 ч.
ЗАСЕГА БЕЗ ДОБАР НАСЛОВ

(Za sada bez dobrog naslova / A Film with No Name)
Игран филм, Србија
1988, 89 мин., колор, ДСП
Режија: Срѓан Карановиќ (Srđan Karanović)
Сценарио: Срѓан Карановиќ (Srđan Karanović)
Улоги: Мето Јовановски, Мира Фурлан, Соња Јаќоска, Чедомир Оробабиќ (Meto Jovanovski, Mira Furlan, Sonja Jačovska, Čedomir Orobabić)
Кон крајот 80-тите на Косово на брутален начин е прекината љубовната врска меѓу Албанка (Јаќовска) и Србин (Оробабиќ): роднините на Албанката го кастрираат Србинот…
Филмски режисер од Белград (Јовановски) доаѓа на Косово со камера за да направи филм за „косовските Ромео и Јулија“ и сака да ги сними учесниците во настанот, нивните семејства, работата на истражните органи… Приказната се одвива низ неколку слоеви кои се преплетуваат во мешавина од драма и црна комедија, заменувајќи ја реалноста со фикција и обратно, и ја најавува подоцнежната ексалација на политичките судири на Косово и крвавиот распад на Југославија. ЗАСЕГА БЕЗ ДОБАР НАСЛОВ на некој начин го навестува и феноменот на реалното шоу, кој во тој период беше тотално непознат медиумски жанр на овие простори.
Драмскиот лик на режисерот (кој и во филмот има македонско потекло) користи официјални телевизиски записи и лични видеоснимки, обидувајќи се да сними игран филм за учесниците во оваа немила случка. Ја ангажира познатата актерка (Фурлан) да го игра ликот на Албанката (Јаќоска), која во меѓувреме открива дека останала бремена. Од друга страна, продукциската куќа не сака да го финансира филмот во форма каква што ја замислил режисерот, па неговиот авторски обид добива несакани политички импликации.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ
ОМАЖ: МЕТО ЈОВАНОВСКИ
21 АПРИЛ (НЕДЕЛА), 19:00 ч.
ЛИВАДА

Игран филм, Македонија
1998, 35 мин., колор, 35 мм
Режија: Митко Панов
Сценарио: Митко Панов, Русомир Богдановски
Улоги: Мето Јовановски, Јосиф Јосифовски, Флора Кадриу
Приказна за пријателството меѓу двајца мажи кои очигледно многу се разликуваат. Едниот е доктор, христијанин, додека другиот е селанец, муслиман. И на едниот и на другиот работата им е сè.
Кога поради здравствени проблеми селанецот не ќе може повеќе да ја коси ливадата, тој решава, и покрај противењето на докторот, да го стори тоа. Косењето на ливадата е кобно за селанецот кој умира, а работата на ливадата ја завршува докторот…
ЛИВАДА доби награда на фестивалот во Клермон-Феран (Франција). Инаку, Митко Панов е единствениот македонски режисер – добитник на „Златна палма“ во Кан, за краткиот игран филм СО КРЕНАТИ РАЦЕ (With folded hands) во 1991.
Возрасна категорија: За сите возрасти
Влезница: 50 денари

ОМАЖ: МЕТО ЈОВАНОВСКИ
22 АПРИЛ (ПОНЕДЕЛНИК), 20:00 ч.
БЕЛ, БЕЛ СВЕТ

(Beli, beli svet / White White World)
Игран филм, Србија
2010, 121 мин., колор, ДСП
Режија: Олег Новковиќ (Oleg Novković)
Сценарио: Милена Марковиќ (Milena Marković)
Улоги: Уликс Фехмиу, Јасна Ѓуричиќ, Небојша Глоговац, Мето Јовановски, Хана Селимовиќ (Uliks Fehmiu, Jasna Đuričić, Nebojša Glogovac, Meto Jovanovski, Hana Selimović)
Приказната се одвива во рударскиот град Бор во источна Србија, некогашен симбол на социјалистичкиот просперитет, а денес симбол на економска пропаст и социјална безнадежност. Амбиентот во кој се случува филмот е пропаднатата соц-реалистичка архитектура, а ликовите се жителите од социјалната периферија без иднина.
Во такво мрачно милје се случува фаталната љубовна врска меѓу некогашниот боксер со прекар Крал (Фехмиу) и младата и убава девојка Роса (Селимовиќ). Роса живее со дедо ѝ Црни (Јовановски), а заплетот настанува кога од затвор излегува мајка ѝ Ружица (Ѓуричиќ). Ружица очекува повремена љубовна милост од Крал, поради кого и отишла на робија, бидејќи го убила сопругот кога тој дознал дека му била љубовница на Крал, инаку негов пријател…
Ружица се обидува да ја прекине врската меѓу Крал и Роса и да внесе позитивни промени во својот живот вработувајќи се како фризерка. Веста дека Роса е трудна е вовед во вистинска античка трагедија, откако Ружица ќе му каже на Крал кој е вистинскиот татко на Роса.
БЕЛ, БЕЛ СВЕТ жанровски спаѓа и во мјузикл од брехтовски тип, а ја имаше премиерата на Фестивалот во Локарно, каде што актерката Јасна Ѓуричиќ ја доби наградата „Сребрен леопард“ за најдобра женска улога. Филмот беше претставен на десетина фестивали, меѓу кои и на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 50 денари

ОМАЖ: МЕТО ЈОВАНОВСКИ
23 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
ЕВРЕИТЕ ДОАЃААТ

(Jevreji dolaze / The Jews Are Coming)
Игран филм, СР Југославија
1992, 100 мин., колор, ДСП
Режија: Првослав Мариќ (Prvoslav Marić)
Сценарио: Првослав Мариќ (Prvoslav Marić)
Улоги: Младен Андреевиќ, Мето Јовановски, Лилјана Биќанин, Слобода Ќустиќ, Предраг Ејдус (Mladen Andrejević, Meto Jovanovski,Ljiljana Bićanin, Slobodan Ćustić, Predrag Ejdus)
Во Нови Сад, Војводина, во тек се подготовките за театарската претстава што ќе ја изведат членовите на Сојузот на слепи лица. Претставата се подготвува во соработка со Матицата на иселениците, а поводот е доаѓањето на група Евреи од САД, чии предци потекнуваат од Југославија. Американските Евреи пристигнуваат во Војводина за да го посетат местото каде што страдале членовите на нивните семејства за време на погромот врз Евреите во 1942 година и нивното транспортирање во логорите на смртта на нацистичка Германија.
Замислено е дејствието на претставата да се одвива според автентичните приказни на сведоците кои го преживеале погромот. Но, иницијаторите и организаторите на оваа приредба всушност манипулираат со слепите лица, користејќи ги со цел да ги трогнат пристигнатите Евреи и да добијат што поголеми парични донации од нив…
Возрасна категорија: 16 години
Влезница: 50 денари

ОМАЖ: МЕТО ЈОВАНОВСКИ
24 АПРИЛ (СРЕДА), 20:00 ч.
ТЕТОВИРАЊЕ

(Tattoo)
Игран филм, Македонија
1991, 132 мин., колор, 35 мм
Реѓија: Столе Попов
Сценарио: Мирко Ковач
Улоги: Мето Јовановски, Александар Чамински, Данчо Чевревски, Кирил Поп Христов, Светозар Цветковиќ, Зоран Цвијановиќ, Јовица Михајловски
Приказната се случува во летото 1989 година за време на умирањето на комунизмот – последниот голем човеков заговор кон Бога. Илија (Јовановски) како да е предодреден да биде во конфликт со официјалните сили што го „штитат“ поредокот, па по една караница со сопругата го напушта домот со единственото нешто што го поседува, празниот куфер. Сакајќи да најде малку мир, оди на железничката станица, каде што им станува сомнителен на двајца полицајци – и,однекои причини, познати само ним, го апсат. Во истражниот затвор, Илија со неколкумина други уапсени во истиот ден, се третирани како криминалци. Илија, свесен за својата невиност, не може да се согласи со тоа и со право очекува да биде ослободен, меѓутоа истражната постапка се оддолжува, и тој се соочува и ги преживува сите „финеси“ на затворското живеење во кое, покрај присилата од затворските чувари, затворениците се изложени и на уште една, на свој начин дури и посурова тортура од страна на закоравените криминалци…
ТЕТОВИРАЊЕ имаше голем успех во земјата и на меѓународен план, со текот на времето стана култен филм. Некои реплики од филмот беа употребувани во скопскиот жаргон со децении.
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 50 денари

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ
25 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 18:00 ч.

СКОПЈЕ ФИЛМ ФЕСТИВАЛ
ОМАЖ: МЕТО ЈОВАНОВСКИ
25 АПРИЛ (ЧЕТВРТОК), 20:00 ч.
КУЌА ПОКРАЈ ПРУГА

(Kuća pored pruge)
Игран филм, Југославија
1988, 108 мин., колор, ДСП
Режија: Жарко Драгоевиќ (Žarko Dragojević)
Сценарио: Жарко Драгоевиќ (Žarko Dragojević)
Улоги: Анѓелка Миливоевиќ, Слободан Бештиќ, Љубиша Самарџиќ, Душица Жегарац, Мето Јовановски (Anđelka Milivojević, Slobodan Beštić, Ljubiša Samardžić, Dušica Žegarac, Meto Jovanovski)
Српско семејство се иселило од Косово од место близу до Подуево и се преселило на периферијата на Краљево во Србија, каде што почнале да градат куќа. Поводот за нивната преселба е трагичен и Станиша (Самарџиќ),решил да ја продаде куќата и да се преселат во Србија.
Иако навидум „свои меѓу своите“, семејството на Станиша живее мизерен живот, не може да ги надмине траумите, а и новото соседство не ги сака премногу. Меѓу ретките луѓе кои им даваат помош е Божо Муња (Јовановски), кој ја води мајката Тиосава кај еден исцелител, Албанец. Станиша добива тужба од соседот дека бесправно гради, па по судирот со милицијата завршува в затвор. Ќерката Косовка се обидува да развие нормален сентиментален однос со едно момче, но тоа трае сè додека таа не дознае дека била силувана. Се наближува семејната слава, а глава на семејството е стариот дедо Вуксан (Музаферија), кој се обидува да го одржи заедно…
Возрасна категорија: 12 години
Влезница: 50 денари

30 АПРИЛ (ВТОРНИК), 18:00 ч.
МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ
(Manaki – Story in Pictures)

Документарен филм, Македонија
2017/2018, 70 мин., црно-бел/колор, ДСП
Режија: Роберт Јанкулоски
Сценарио: Илинденка Петрушева, Роберт Јанкулоски
Филмот ја прикажува фотографската работа на Јанаки и Милтон Манаки, првите балкански кинематографери. Со текот на годините браќата Манаки се митологизирани, а додавањето на нови и непотврдени информации со цел да се зголеми нивната важност е непотребно и штетно, бидејќи нивното творештво и онака е од големо културно значење не само во Македонија туку и во поширокиот балкански контекст.
Од оваа причина, секој факт и мислење презентирани во филмот МАНАКИ – ПРИКАЗНА ВО СЛИКИ се внимателно истражени и потврдени со презентирани артефакти. Приказната се раскажува преку оригинални документарни фотографии следејќи ја нивната работа од отворањето на првото професионално студио во 1898 година во Јанина и подоцнежното селење во Битола, сега познат како град на браќата Манаки.
Возрасна категорија: За сите возрасти
Влезница: 50 денари

30 АПРИЛ (ВТОРНИК), 20:00 ч.
СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ

(Frații Manakia. Jurnalul unei lungi priviri înapoi / The Manakia brothers. Diary of a long look back)
Документарен филм, Романија
2017, 90 мин., црно-бел / колор, ДСП
Сценарио и режија: Елиза Здру (Eliza Zdru)
Идејата на авторката Елиза Здру да направи документарец како СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ се родила на многу интересен начин. Елиза пронашла стара фотографија од своите предци од 20-тите години на минатиот век, која, иако немала потпис, многу потсетувала на стилот на браќата Манаки. Истражувањето околу семејната фотографија постепено се испреплетувало со приказната за животот и делото на браќата Милтон и Јанаки Манаки, а Елиза документарецот, освен во Романија, го снимала и во Грција, Бугарија и во Македонија.
Дел од документарецот го снимала на улиците на Битола, а во 2017 СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ ја имаше честа да биде прикажан на Интернационалниот филмскиот фестивал на кинематограферите „Браќа Манаки“. Говорејќи за искуството од снимањето на филмот, Здру истакнува дека во Романија, Грција, Бугарија и во Македонија, каде што истражувала и го реализирала СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ, слушнала дека браќата Манаки си припаѓаат единствено сами на себе, тие се пионери на кинематографијата на овие простори.
Критичарите ѝ предвидуваат професионален успех на Здру поради нејзиниот студиозен и креативен пристап во СТУДИЈА НА СЛУЧАЈ: БРАЌА МАНАКИ.
Возрасна категорија: За сите возрасти
Влезница: 100 денари

You May Also Like