Утревечер (четврток, 28.2.2019 година), со почеток во 20 часот во НЛБ Галерија, љубителите на уметноста ќе имаат можност да ја проследат самостојната изложба на Анита Огњановска насловена „Длабочина”.
Триесетина дела масло и акрил на платно го прикажуваат патот на еден автор во откривањето на сопствениот свет и пронаоѓањето на својот личен ликовен израз, каде сликарскиот чин е ослободување од внатрешниот порив, интимен и потполно искрен микрокосмос.
За внатрешниот импулс и ритуалот на сликањето, Огњановска вели:
„Кога сликам немам прецизен план, започнувам и сликам спонтано. Сè се случува брзо и страсно во миг, емоциите ме носат и никогаш не знам каде ќе ме однесат. Едноставно го сликам она што го чувствувам. Се препуштам на радоста на сликањето и чувството на слобода. Тоа се моменти, одредено доживување кое е станато длабоко сеќавање и извира од длабочината. Тоа е мојот спонтан, но всушност длабоко интимен свет.“
Изложба ќе остане во НЛБ Галерија (ул.Мајка Тереза 1), се до 19.3.2019 година. Oтворена за посета секој работен ден од 8 до 18 часот и сабота од 8 до 16 часот.