Промоција на новата сликовница „Девојче и мече” од познатиот македонски илустратор и автор Ване Костуранов, што ќе се одржи денес (вторник, 16 април 2019 година) во книжарницата „Литература.мк” на улицата „Македонија”, со почеток во 19 часот.
Книгата, која е во издание на „Либи”, дел од „Арс Ламина – публикации”, е топла, сонувачка приказна за другарството и за растењето.
Едно девојче и едно мече ни ги отвораат вратите од нивниот свет, кој е исто толку обичен, колку што е необичен. Поминувајќи го сето време заедно, тие откриваат многу нови работи. Откриваат дека колку побрзо го возат велосипедот, толку посилно ветрот им ја дува косата. Се искачуваат на највисоките ридови, обидувајќи се да ги допрат сончевите зраци. Уживаат во есента, играјќи си криенка со сонцето. Сѐ прават заедно, додека еден ден…
Авторот на книгата, Ване Костуранов, е роден во 1979 година во Струмица. Уште од мал повеќе сакал да се изразува со цртежи и слики, отколку со зборови. Неговата најголема желба – никогаш да не порасне, реши да си ја оствари сам, употребувајќи ги сликарството и илустрацијата како жива ограда од светот на возрасните. Својот светоглед го има споделено на повеќе изложби во земјата и во странство.
„Девојче и мече” е втора сликовница за деца и возрасни на Костуранов, по успешната и наградувана „Ѕвездено дете”.