На денешен ден починал големиот македонски сликар Петар Мазев (10.2.1927, Кавадарци – 13.3.1993, Скопје).
Мазев завршува Ликовна академија во Белград во 1953 година кај Проф. Зоран Петровиќ. Бил професор на Факултетот за архитектура во Скопје. Бил главен иницијатор за формирање на Факултет за ликовни уметности во Скопје.
Петар Мазев е еден од најзначајните автори на македонската современа ликовна уметност. Имал бројни самостојни преставувања како во Македонија, така и во странство: Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, САД и др. Исто така земал учество и на бројни групни изложби како во нашите простори така и надвор од нашата држава како: САД, Кина, Индија, Германија, Италија, Швајцарија и др.
Добитник е на бројни награди и признанија: „11 Октомври˝ во 1961 година, додека 1979 добива 1-ва награда на Југословенскиот конкурс за ликовно обликување на ентериерот на Спомен-костурница на загинатите борци од НОБ во Велес и велешко и истиот го изведува во мозаик. Во 1981 година добитник е на наградата „Моша Пијаде“ на Ликовниот салон во Цетиње и др.
Тој е еден од најистакнатите претставници на македонското современо сликарство. Неговиот опус опфаќа широк распон на ликовен израз кој се движи од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис кој ги обединува овие две ликовни експресии. Мазев почнува со фигуративни композиции (во педесеттите), речиси една деценија подоцна го прифаќа енформелскиот израз, за по неколку години да дојде на идеја да ги стави паралелно на една иста слика овие два ракописи. Всушност неговиот експресионизам минал низ неколку фази, за да под влијание на апстрактниот експресионизам на Вилием де Куниг и групата Кобра да создаде апстрактно-фигуративен експресионизам со гестуална акција и силен колорит.
Мазев е инспирација за многу нови генерации ликовни автори, ако се земе во предвид дека и веќе подолг временски период не е присутен на македонската ликовна сцена.