На денешен ден е роден големиот македонски сликар Петар Мазев (10.2.1927, Кавадарци – 13.3.1993, Скопје). Роден 1927 година во Кавадарци.
Завршил Ликовна академија во Белград во 1953 година кај Проф. Зора Петровиќ. Бил професор на Факултетот за архитектура во Скопје, Република Македонија. Значајно е да се напомене дека бил главен иницијатор за формирање на Факултет за ликовни уметности во Скопје.
Мазев е еден од најзначајните автори на македонската современа ликовна уметност. Имал бројни самостојни преставувања како во Македонија, така и во странство: Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, САД и др. Исто така земал учество и на бројни групни изложби како во нашите простори така и надвор од нашата држава како: САД, Кина, Индија, Германија, Италија, Швајцарија и др.
Тој е добитник е на бројни награди: „11 Октомври˝ на Република Македонија во 1961 г., 1979 добива 1-ва награда на Југословенскиот конкурс за ликовно обликување на ентериерот на Спомен-костурница на загинатите борци од НОБ во Велес и велешко и истиот го изведува во мозаик, 1981 г. добитник е на наградта „Моша Пијаде“ на Ликовниот салон во Цетиње и др.
Петар Мазев е еден од најистакнатите претставници на македонското современо сликарство. Неговиот опус опфаќа широк распон на ликовен израз кој се движи од фигурација, преку енформел до карактеристичен ликовен ракопис кој ги обединува овие две ликовни експресии. Мазев почнува со фигуративни композиции (во педесеттите), речиси една деценија подоцна го прифаќа енформелскиот израз, за по неколку години да дојде на идеја да ги стави паралелно на една иста слика овие два ракописи.
Всушност неговиот експресионизам минал низ неколку фази (во кои особено е значајна „белата фаза“), за да под влијание на апстрактниот експресионизам на Вилием де Куниг и групата Кобра да создаде апстрактно-фигуративен експресионизам со гестуална акција и силен колорит.
Со оглед на неговото големо значење и силниот и препознатлив белег кој беше инспирација за многу нови генерации ликовни автори, а земјаќи во предвид дека и веќе подолг временски период не е присутен на македонската ликовна сцена, Националната галерија на Македонија во период од 2.11.2017 – 25.1.2018 година ја организираше изложба посветена на 90 години од неговото раѓање.
Изложбата која предизвика огромен интерес во македонската јавност, претставуваше своевиден пресек на неговото творештво, како потсетување на неговото исклучително значење за современата македонска ликовна уметност.