Куќата на Бектешовци, која е изградена во 1923 година и има културно и историско значење, во изминатиот период беше целосно реставрирана во рамките на проектот на Министерството за култура за обнова и конзервација на повеќе фасади во значајни градски јадра.
Според министерката за култура Канческа-Милевска, со реставрацијата на фасадата, овој објект во Прилеп го доби својот автентичен лик.
– Среќна сум што присуствувам на реализацијата на проектот во Прилеп, реставрација на фасадата на куќата на Бектешовци, која и сама по себе е музеј, како надворешно така и внатрешно. Токму преку уникатната фасада на куќата, која е изградена од Петре Бектеш, татко на сегашниот сопственик, се запазува европската градителска традиција. Имавме можност да разговараме со семејството на градителот кое целосно е посветено на одржувањето на куќата и на вредните предмети – истакна Канческа-Милевска, потенцирајќи дека проектот продолжува да се реализира и во другите градови. Луксузното здание, со физиономија на црковен храм, има два ката поткренати на подрумски простории. Располага со повеќе соби, голем салон со тавани повисоки од три и пол метри.
Сопственикот Трајче Бектеш не го криеше задоволството што неговата ,,убавица”, како што ја нарекува куќата, доби убав и автентичен лик. Фасадата на грандиозниот објект сега е украсена како што била некогаш. На главниот влез се декорирани античките столбови и мермерни широки скали, а дворот е ограден со железна кована ограда, вајана со уметничките раце на чеканот на прилепските ковачи. За реализацијата на проектот за обнова на фасадата, Министерството за култура издвои 3 милиони денари.