На денешен ден: Почина Никола Мартиноски

На денешен ден (7 февруари 1973) почина еден од доајените на македонското современо сликарство, Никола Мартиноски.

Никола Мартиноски (Крушево, 18.08.1903 – Скопје, 7.2.1973) дипломирал на Училиштето за убави уметности во Букурешт (Романија) во 1927 година, како најдобар студент на генерацијата. По студиите тој за кратко останал во Скопје, а потоа заминува за Париз.

Во периодот меѓу 1927-1928 престојува во Париз каде ја посетува Acadèmie de la Grande Chaumière и Ransan. Тој престој претставува пресвртница во неговиот уметничкиот развој.

Се враќа во Скопје во крајот на 1928, каде што реализирал неколку самостојни изложби, а освен првата (1929), сите останати изложби биле организирани од новооснованото друштво на пријателите на уметноста „Јефимија“. Освен во Скопје, Мартиноски изложувал и во Белград (1931, 1932) и Загреб (1936, 1937), а учествувал и на повеќе групни изложби во Југославија и надвор од неа (Прага, Софија, Солун и Рим) како член на белградската група „Облик“. Во 1939-1940 работи на сценографија во Скопскиот театар.

Игра битна улога во формирањето на Државното средно ликовно училиште во Скопје (бил прв директор сé до 1949, кога станал директор на новоснованата Уметничка галерија – Скопје (денешна Национална галерија на Македонија), Друштвото на ликовни уметници на Македонија (неколку пати назначен за претседател), на Македонската академија на науките и уметностите. Два пати е биран за народен пратеник во федералното собрание во Југославија.

Во 1968 во Крушево, е основана Галеријата на Никола Мартиноски со повеќе дела кои тој му ги подарил на својот роден град. По неговата смрт во 1973 две комеморативни изложби со ретроспективен карактер биле одржани во Белград (1973) и Скопје (1975, 1976, 1981, 1983, 1993, 2003).

Со целокупното свое ликовно творештво, Мартиноски ќе остане забележан како прв модерен експресионист и основоположникот на македонската современа ликовна уметност.

You May Also Like