Овие два дена на програмата на Бит Фест Ве очекуваат неколку интересни содржини кои ќе ви го исполнат слободното време на овие летни горештини:
Во сабота
16 јули сабота 11:00 часот ,,Автоматизирано библиотечно пребарување достапно до сите” НУУБ ,,Свети Климент Охридски“
16 јули сабота 20:00 часот НУ Народен театар Театарска претстава – премиера ,,Вишновата градина“
Претставата ,,Вишновата градина” од Чехов, во режија на Ѕвездана Ангеловска е закажана за сабота од 20.00 часот во Ну Народен театар Битола. Претставата е во рамките на Битолското културно лето, а актерскиот предизвик да се работи на дело од Чехов е голем.
Ликовите во ,,Вишновата градина се живи, плачат. се смеат, тагуваат, негуваат надеж.
..За мене беше вистински предизвик да се работи на дело од Чехов, кој е автор со неподносливо лесен стил и тешка мисла да се реализира на сцената доколку нема конкретно сценско дејство – вели Ангеловска.
Главниот лик во претставата го игра Елена Моше. Настапуваат Викторија Степановска, Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Иван Јерчиќ, Борис Чоревски.
Огнен Дранговски кој го игра ликот на Лопахин Ермолај Алексеевич вели дека тој го игра човекот создаден од средината со соништа да ја спаси Вишновата градина, но кога ќе ја добие нема да знае што да прави со неа. Вели,,Јас сум сиромашен и ги имам само соништата, кога газите, газете полека затоа што тогаш газите по моите соништа“.
,,Посебно е тешко да се работи ликот на Љубов Андреевна , кој е многу комплексен и тешко може да се извади од некои клишеа, но се обидов да прикажам една поинаква љубов Андреевна која е жива, пред се човек со сите мани и доблести, вели Елена Моше(главен лик во претставата) – Љубов Андреевна Раневскаја.
Настапуваат: Викторија Степановска, Илина Чоревска, Огнен Дранговски, Иван Јерчиќ, Борис Чоревски.
Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимите на Благој Мицевски, а музиката на Марјан Неќак.
16 јули сабота, 21:00 часот пред Магаза Концерт на ,,Калевала”
Јана Николовска – Овчаровска – вокал, Владо Овчаровски – гитара, Зоран Павлоски – контрабас, Горан Спасевски – перкусии ја сочинуваат групата Калевала од која можат да се слушнат македонски, француски, италијански, келтски, алжирски, португалски, турски и други песни.
Калевала е музичка група од Македонија која постои од 2008 година, изведувајќи главно традиционални песни од различни делови од светот, аранжирани за вокал, гитара, контрабас и удирачки инструменти. Од 2011 година Калевала е во процес на креирање на авторска музика инспирирана од музиката на светот…
Во недела
17 јули недела 11:00 часот ,,Автоматизирано библиотечно пребарување достапно до сите” НУУБ ,,Свети Климент Охридски”
17 јули недела 21:00 часот ,,Bitola Fashion Night” – Плоштад Магнолија
Во рамките на манифестацијата ,,Fashion night” пред битолчани и пошироката јавност ќе бидат претставени најновите колекции на познатите модни креатори од Македонија. Покрај познатите и афирмирани македонски модни имиња, на модната недела ќе се претстават и дебитанти-новопромовирани имиња во светот на модата.
На овој настан кој се случува во рамките на Бит Фест место ќе има и за афирмирање на битолските малостопанственици кои на пошироката јавност ќе имаат можност да им ги претстават моделите кои ги нудат во своите бутици.