По завршување на филмската ретроспектива на Ингмар Бергман, која траеше од 28 септември до 4 октомври, од петок (5 октомври) во Кинотека на Македонија ќе почне програмата од фестивалот „Скопје синема сити“.
Ќе биде отворена од 19 часот со српскиот документарен филм „Како да беше некогаш“ на режисерот Душан Весиќ, биографски филм за култниот бенд „ЕКВ“ од Белград. Во терминот од 21.30 ќе биде прикажан „Звуци и тишина: патешествијата со Манфред Ајхер“ – швајцарски документарец за основоположникот и главен музички продуцент на музичката издавачка куќа „ЕСМ“ основана во 1968 година.
На 6 октомври од 20 часот е британскиот „Постигни или умри“ – филм за животната приказна на врвниот пијанист Ланг Ланг, а од 21.30 – францускиот документарен филм „Стив Рајш: Соочување со фазата“, посветен на еден од основоположниците на минимализмот во класичната музика.
Овој месец во Кинотеката ќе има проекции и во рамки на неколку фестивали: „Киненова“ (6-12 октомври); Филмски фестивал на духовни и хумани вредности „Богородичен покров“ (14-17 октомври); филмови по избор на Гете-институт Скопје („Викторија“ на 18 октомври) и Францускиот кино клуб („М“ на 19 октомври).
До крајот на месецов во Кинотека ќе има и претставување на две национални кинематографии – Недела на јапонски современ филм (22-25 октомври) и Недела на мексикански филмови (26-31 октомври).